Најновото засилување на Кристал Палас, шпанскиот репрезентативец Јереми Пино, полека се навикнува на животот во Англија. Во своето прво големо интервју за “The Athletic”, 22-годишниот фудбалер зборуваше за новата авантура, за своите идоли и за првите импресии од Лондон.
И додека е воодушевен од фудбалот, една работа особено му пречи во новата средина, лондонскиот сообраќај.
“Сообраќајот е вистинско с*ање, нема врска со Вилјареал”
Пино, кој доаѓа од малиот и мирен град Вилјареал, со популација од едвај 50.000 жители, беше брутално искрен кога го прашаа како се снаоѓа во огромниот Лондон. “Лондон е добар, се прилагодувам. Вилјареал ми беше дом и ми недостига, но ја донесов оваа одлука за да ја искусам оваа авантура. Имам куќа, имам и автомобил…”, изјави Пино, пред да го каже она што навистина го мисли: “Сообраќајот е вистинско с*ање! Нема никаква врска со Вилјареал. Но, се чувствувам добро.”
Оваа изјава предизвика лавина од хумористични коментари, а многумина се пошегуваа дека “барем не се пожалил прво на времето”.
Од Санти Казорла и Давид Силва до Адам Вортон
Пино, кој е познат по својата техника и нискиот центар на гравитација, вели дека не се плаши од физички посилната Премиер лига. “Уживам во Премиер лигата. Малку е полуда од шпанскиот фудбал, но тоа не е проблем. Со технички квалитет, можеш да преживееш”, вели тој, додавајќи дека негови идоли се токму двајца ситни, технички совршени Шпанци: Санти Казорла и Давид Силва.
Сепак, најголем впечаток во новиот клуб му оставил младиот англиски репрезентативец, Адам Вортон. “Адам може да направи сè. Дефанзивно е борец, а технички, треба само да го гледате и да уживате. Без сомнеж, тој има квалитет да игра и за шпанската репрезентација“, изјави Пино.
Матета како преведувач
Во адаптацијата, најмногу му помагаат Колумбијците Муњоз и Лерма, но и францускиот напаѓач Жан-Филип Матета. “Матета е посебен лик. Не зборува многу шпански, но секогаш се обидува да зборува со мене. Многу ми помага”, открива Шпанецот.
На крајот, и покрај сообраќајниот хаос, се чини дека Јереми Пино одлично се снаоѓа во новата средина и е подготвен да стане нова ѕвезда на Кристал Палас.