Денес дознаваме кои две екипи ќе учествуваат во завршната битка за, според нас во Спортска Станица, еден од најубаво изработените трофеи воопшто во светскиот фудбал. Реванш натпреварите од полуфиналето во Купот на Македонија се на програмата попладнево од 16:00 часот, а прашањето што виси во воздухот е дали фаворитите ќе си ја завршат работата или второлигашите подготвуваат историски шок?
Четири тима влегуваат во решавачките 90 минути, а влогот не може да биде поголем, пласман во големото финале и шанса за вечност.
Кратово бара спас на сезоната, Охрид сонува ново чудо
Во Кратово, екипата на Силекс го пречекува второлигашот Охрид, откако првиот натпревар крај езерото заврши без победник, 1-1. За кратовци, кои трипати во својата историја го подигнувале овој пехар, Купот е единствената шанса за спас на сезоната откако ги загубија шансите за титулата и излез во Европа преку ПМФЛ и ќе завршат на четвртата позиција.
Но, Охрид веќе докажа дека е „убиец на гиганти“. Откако го елиминираа бранителот на трофејот и најтрофејниот клуб во натпреварувањето, скопски Вардар, охриѓани го живеат најголемиот успех во клупската историја и веруваат во нова сензација. Правдата на овој дуел ќе ја дели судијата Игор Стојчевски.
Тетовска Шкендија ја брани предноста во Куманово
Во второто полуфинале, шампионот од Првата лига, Шкендија Тетово, му гостува на имењакот Шкендија Арачиново на теренот во Куманово. Тетовци влегуваат со минимална предност од 3-2 од првиот натпревар, дуел на кој арачиновци покажаа заби и на полувремето имаа сензационално водство од 2-1.
Второлигашот од Арачиново игра фантастична сезона со амбиции за влез во елитата, но денес ќе мора да најде начин да го скрши отпорот на големиот фаворит. Од друга страна, Шкендија Тетово чека на овој трофеј цели осум години (последен пат славеа во 2018 година против Пелистер) и ќе се обиде по шести пат да обезбеди билет за финалниот меч. Главен судија на оваа средба е Стојанче Стојанов.




