Ако Мајкл Фелпс е синоним за базенот, Јоханес Хосфлот Клебо е неприкосновениот владетел на снежните патеки. Норвешката суперѕвезда денеска, заедно со Еинар Хедегарт, триумфираше во машкиот тимски спринт на Игрите во Милано и Кортина, со што Клебо стигна до неверојатното петто злато на овие Игри (од пет настапи!).
Одлучувачкиот напад на „кралот“
Трката беше изедначена до самиот финиш, каде голема група нации се бореа за позиции. Сепак, на последното нагорно исфрлање, Клебо го направи својот препознатлив „експлозивен“ напад кој ниту еден скијач на светот не може да го следи. Норвешка заврши со време од 18:28.9, оставајќи ги зад себе тимовите на САД и Италија.
За Американците, Бен Огден и Гас Шумахер, ова беше историски момент – прв сребрен медал за САД во оваа дисциплина. Домаќините, пак, паднаа во транс благодарение на бронзата на младиот Елија Барп и легендарниот Федерико Пелегрино, за кого ова беше емотивно простување од домашниот снег.
Само Мајкл Фелпс е пред него
Со ова 10-то злато, 29-годишниот Клебо го собори рекордот на својата сонародничка Марит Бјорген (8 злата) и сега е најуспешниот зимски олимпиец на сите времиња. Во вкупната историја на Олимпизмот (летни и зимски), сега само недостижниот Мајкл Фелпс (23 злата) има повеќе титули од него.
„Се чувствувам неверојатно. Сè се поклопи како што треба, формата ми е на врвот и сè уште сум мотивиран за трките што следуваат“, изјави скромниот Клебо по трката.
Може ли до „чиста шестка“?
Клебо победи на секоја трка на која се појави во Милано и Кортина. Следен предизвик е маратонот на 50 километри, единствената дисциплина во која досега нема медал во својата кариера. Ако успее да триумфира и таму викендов, тој ќе ги заврши Игрите со совршени 6 златни медали од 6 настапи.
Во женската конкуренција, шведското дуо Јона Сундлинг и Маја Далквист продолжија со доминацијата освојувајќи го златото, пред Швајцарија и Германија.



