10.8 C
Skopje

Кои се оригиналните “црвени”, Ливерпул или Арсенал?

Објавено:

Двата англиски гиганти, Ливерпул и Арсенал, ќе се сретнат во рамките на третото коло од Премиер лигата. Овие клубови денес се горди на својата црвена боја, но ние решивме да истражиме кои биле првите кои ја носеле оваа боја.

Да се вратиме на самите почетоци и нивната историја, најпрво на Арсенал. Иако тие сега се еден од најголемите клубови од северен Лондон, тие всушност го започнале својот живот јужно од реката Темза.

Тие биле првично основани под името “Дајл Сквер”, име кое го добиле по една од работилниците во фабриката Арсенал за муниција во Вулвич, на југо-истокот од Лондон. Набрзо после тоа станале Ројал Арсенал во 1886 година, датум кој се смета за официјално основање на клубот, за потоа да станат Вулвич Арсенал во 1891 година.

Извор: https://www.arsenal.com

Во 1913 година тие го исфрлиле “Вулвич” од своето име, по што од 1914 година се водат како Фудбалски клуб Арсенал. Првиот дрес на Арсенал бил во темно црвена боја, со бели шорцеви.

Неговата историја датира 1886 година, откако неколку играчи од Нотингем Форест (клуб кој ја носел истата боја) се приклучиле на “Дајл Сквер” (тогашното име на Арсенал). Бидејќи буџетот на клубот бил ограничен, новите играчи играле во старите црвени дресови, по што бојата била прифатена од сите и стана препознатлива за клубот низ годините.

Извор: https://www.arsenal.com

Темно-црвената боја била заменета со посветлата црвена нијанса во 1920-тите години, од кога останува да биде препознатлив дизајн на Арсенал.

Од друга страна пак, Ливерпул биле основани во 1892 година. На почетокот од постоењето, нивниот дрес бил во сино-бела боја сè до 1896 година, кога се префрлиле на црвената боја.

Извор: https://commons.wikimedia.org

Првиот дрес на Ливерпул бил поделен на сини и бели четвртини, со бели шорцеви, бои кои ги делеле со фудбалскиот клуб Евертон, кој се одделил од оригиналниот клуб на Енфилд. Иако Ливерпул се префрлиле на црвената боја, сегашните ривали Евертон ја задржале сината боја со бели акценти.

Во 1896 година Ливерпул почнале да носат црвен дрес со бели шорцеви, а славниот целосно црвен изглед бил претставен во 1964 година од тренерот Бил Шанкли кој сакал да создаде позастрашувачка и моќна слика со таквиот изглед.

Па така, ако се земе вечната дебата меѓу фановите на овие два клуба за кои се оригиналните “црвени”, сепак историските факти одат во корист на навивачите на Арсенал.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено