Иако се шпекулираше дека би можеле да имаме спектакуларни промени на гридот за идната сезона, сега за сега сè е мирно на тој фронт, а гласините дека Макс Верстапен ќе вози за Мерцедес се стишија откако тој официјално потврди дека останува во Ред Бул.
Сега на официјалната страна на Формула 1 беа објавени возачите за кои со сигурност се знае дека ќе настапат за тимовите идната сезона, а и местата кои сè уште се сметаат за слободни.
Па, така водечките двајца возачи на шампионската табела, Оскар Пијастри и Ландо Норис остануваат во Мекларен, а без промени се тимовите на Ферари со Шарл Леклер и Луис Хамилтон, на Астон Мартин со Фернандо Алонсо и Ленс Строл, на Хаас со Оли Берман и Естебан Окон, на Вилијамс со Алекс Албон и Карлос Сајнц, како и на Саубер кои од наредната сезона ќе се ребрендираат во Ауди, Нико Хулкенберг и Габриел Бортолето.
Looking ahead… 👊
Here’s how the 2026 driver line-up looks at this stage of the season 👀👇#F1 pic.twitter.com/oC54WEh28R
— Formula 1 (@F1) August 9, 2025
Интересно е што двајцата шофери за Мерцедес, Џорџ Расел и Кими Антонели не се сметаат за официјално потврдени, иако претходно тимскиот менаџер Тото Вулф изјави дека продолжуваат со истиот тим и понатака. Но, по сè изгледа договорите сè уште не се официјализирани, па страната на Ф1 ги смета за непотврдени.
И тимовите на Ред Бул претставуваат енигма за идната сезона. Откако ниту Јуки Цунода не се снајде баш најдобро на второто шоферско место до Макс Верстапен во првиот тим на Ред Бул, сега и неговото место не е загарантирано.
Тука е и вториот тим на Ред Бул, каде во моментов возат дебитантите Исак Хаџар и Лијам Лосон, но ниту тие две места не се официјално зафатени за идната сезона.
Не се познати официјално ниту двајцата шофери на новиот тим на Кадилак кој ќе влезе како 11 од идната сезона, иако скоро извесно е претставувањето на Чеко Перез на една од позициите. Гласините за второто шоферско место сепак се малку понеизвесни, па таму се шпекулира дека би можело да седне Мик Шумахер или Валтери Ботас.



