Американската суперѕвезда Микаела Шифрин уште еднаш ја потврди својата големина и го запечати статусот на најдобра во историјата, откако денеска доминантно го освои златото во слалом на Зимските олимписки игри во Кортина. Дури 12 години по нејзината прва титула во Сочи, Шифрин повторно е олимписка шампионка, оставајќи ја конкуренцијата далеку зад себе.
Неверојатна предност од 1.50 секунди
Шифрин победи со вкупно време од 1:39.10, што беше за неверојатни 1.50 секунди побрзо од второпласираната. Оваа разлика во слалом се смета за вистинска вечност и е доказ за нејзината апсолутна доминација денеска на патеката „Олимпија деле Тофане“.
Уште по првото возење беше јасно дека Американката е расположена за историја, кога направи предност од 0.82 секунди пред Лена Дир. Кога Германката направи грешка во втората трка, на Шифрин и остана само да направи „демонстративно возење“ до златото, што го изведе без ниту една грешка. Сребрениот медал замина кај Камил Раст од Швајцарија, додека со бронза се закити Ана Свен Ларсон од Шведска.
Крај на олимпискиот кошмар
Ова злато има посебна тежина за Шифрин поради сè што преживеа на претходните Игри. По дебаклот во Пекинг пред четири години, каде не освои ниту еден медал и излета во неколку дисциплини, притисокот врз неа беше огромен. Дури и во Кортина работите не започнаа идеално, таа заврши како 11-та во велеслалом и четврта во тимскиот натпревар.
Сепак, најтрофејната скијачка на сите времиња покажа зошто е ментална карпа. Со оваа победа, таа ги избриша сите лоши спомени и докажа дека кога е најпотребно, сепак е класа над сите останати. Кога ја помина целта, Микаела остана во неверување со главата во рацете, пред да го прослави својот трет олимписки златен медал во кариерата.



