По речиси еден месец пауза, денеска и утре продолжуваат возбудувањата во Купот на Македонија, со одигрувањето на преостанатите натпревари од осминафиналната рунда. Два патника во четвртфиналето се веќе познати, Охрид кој го елиминираше Шкупи и Детонит Плачковица кој беше подобар од Беласица.
Денеска на програмата се четири дуели, утре се игра еден, додека последниот осминафинален пар ќе се одигра во ноември.
Дерби во Ѓорче, Шкендија “домаќин” во Сингелиќ
Најголемо внимание денеска привлекува пресметката на стадионот во Ѓорче Петров, каде што Македонија ЃП го пречекува актуелниот шампион, Струга Трим Лум. Ова е дуел на две екипи кои секогаш играат отворен и напаѓачки фудбал, па се очекува вистински спектакл.
Интересно ќе биде и на стадионот во Сингелиќ, каде што второлигашот Шкендија од Арачиново ќе биде формален домаќин на прволигашот Пелистер. Иако битолчани се апсолутни фаворити, куп-натпреварите секогаш носат изненадувања.
Во останатите денешни дуели, Работнички на стадионот во Автокоманда ја пречекува Брегалница, додека во Куманово, Башкими ќе ги одмери силите со Силекс.
Сите натпревари започнуваат во 14:00 часот.
Вардар го чека Новаци, Шкендија и Тиквеш во ноември
Бранителот на трофејот и најтрофеен клуб во историјата на ова натпреварување, Вардар, својот натпревар ќе го одигра утре, кога на тренинг-центарот “Петар Милошевски” го пречекува второлигашот Новаци. Сè освен сигурна победа на “црвено-црните” би било првокласна сензација.
Последниот осминафинален пар, Шкендија – Тиквеш, е закажан за 19 ноември.