Спортската иронија на која предупредувавме уште во мај, се оствари уште пред да почне есента. Најзвучното летно засилување на Вардар, интернационалецот од Луксембург Герсон Родригеш, и официјално ја заврши својата приказна во „црвено-црниот“ дрес.
Авантурата која клубот помпезно ја најави повикувајќи се на етимологијата на неговото средно име „Леал“ (лојален, верен и вистинит), заврши токму онака како што наговестуваше неговата биографија – со брзо заминување, комплетирајќи го импресивниот атлас од дури 18 различни адреси во неговата професионална кариера.

Изолација, па разделба
Очекувањата беа огромни. Најдобриот стрелец во историјата на Луксембург, со шампионски титули во Динамо Киев и искуство во Лига 1, требаше да биде лидерот во новата ера на најтрофејниот македонски клуб под водство на Кристијан Фабијани. Сепак, наместо капитално засилување, Родригеш остави бледа сенка.
Во дресот на Вардар настапи на само шест натпревари во сите конкуренции, забележувајќи скромен учинок од еден постигнат гол и две асистенции. Во последниот период беше јасно дека работите не функционираат, стручниот штаб го изостави од комбинација за натпреварите, а напаѓачот тренираше одвоено од остатокот од тимот.
Родригеш: „Не плукам во чинијата од која сум јадел, но не јадам тоа што не е добро за мене“
Родригеш го потврди заминувањето со емотивнo и помалку филозофскo обраќање. Иако неговото минато е обележано со тешки дисциплински проблеми, инциденти и конфликти, тој тврди дека разделбата со Вардар е пријателска и полна со почит.
„Денес ја завршив приказната со мојот клуб во Македонија – пријателски, со почит. Понекогаш животот ти дава избори што никогаш не си ги видел како доаѓаат. Но тоа е раст: учиш да се оддалечиш од она што не се чувствува како дом, дури и кога не е лесно,“ напиша Родригеш, обраќајќи им се на оние кои биле искрени со него: „На луѓето кои беа искрени со мене во текот на ова кратко поглавје – ви благодарам. Никогаш не плукам во чинијата од која сум јадел. Но исто така нема да јадам нешто што не е добро за мене.“
Свесен за своето контроверзно досие надвор од терените (кое вклучува и условна затворска казна), фудбалерот го искористи моментот да ги предупреди своите следбеници за можните шпекулации.
„Лошите луѓе чекаат моменти како овој за да зборуваат. Ќе слушате врева, озборувања, секакви глупости – но останете поврзани со мене, затоа што ова е вистинската приказна, директно од изворот. Не верувајте во сѐ што луѓето се обидуваат да ве натераат да верувате,“ додаде тој, заклучувајќи дека оди кон „ново место, со ист оган и иста глад за победи“.
Вардар ризикуваше со овој трансфер, обидувајќи се да ја канализира енергијата на играч со несомнен квалитет, но исклучително проблематичен карактер. Експериментот очигледно не успеа, а клубот сега мора да бара нови решенија за офанзивата.



