Луис Суарез се враќа од пензија за Мундијалот!

 

Објавено:

Иако пред 18 месеци со солзи во очите се збогуваше со националниот дрес, легендарниот Луис Суарез е подготвен за уште еден последен танц. Најдобриот стрелец во историјата на Уругвај (69 гола) објави дека повторно му стои на располагање на селекторот Марсело Биелса за претстојното Светско првенство во 2026 година.

Оваа одлука доаѓа како големо изненадување, со оглед на тоа што „Ел Пистолеро“ по повлекувањето во септември 2024 година јавно го критикуваше методот на работа на Биелса, тврдејќи дека атмосферата во тимот е нарушена. Сепак, 39-годишниот напаѓач на Интер Мајами сега открива дека ги „пеглал“ односите со оние со кои било потребно.

„Никогаш не би рекол ‘не’ на репрезентацијата ако им требам, особено кога се ближи Светско првенство. Во тоа време се повлеков за да им направам простор на помладите, но кажав некои работи што не требаше. Веќе им се извинив на луѓето на кои требаше да им се извинам“, изјави Суарез за агенцијата ЕФЕ.

Глад за голови што не стивнува

Суарез, кој е икона на светскиот фудбал по настапите за Ливерпул, Барселона и Атлетико Мадрид, признава дека адреналинот сè уште го влече на теренот. Иако неговата улога под водство на Биелса на последната Копа Америка беше главно како замена, неговото присуство во соблекувалната и искуството на девет големи турнири се бесценети за Уругвај.

Во моментов, главна алка во нападот на Уругвајците е Дарвин Нуњез со 13 гола, но по пензионирањето на Единсон Кавани, тимот изгуби голем дел од својата харизма и лидерство. Суарез, кој неодамна го продолжи договорот со Интер Мајами, порача дека сè уште се лути на лоши пасови и порази, што е јасен знак дека неговиот натпреварувачки дух е на истото ниво како во 2010 или 2014 година. Дали „Ел Пистолеро“ ќе добие шанса за уште еден мундијалски настап, сега останува на „Ел Локо“ Биелса.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено