Македонскиот експерт и национален кондиционен тренер, Сашо Даневски, доби огромно професионално признание од УЕФА со официјалното назначување за главен фитнес тренер на елитните судии во Европа. Почнувајќи од 1 јули, Даневски ја презема одговорноста за физичката подготовка, мониторингот и развојот на најдобрите европски судии. Неговата нова улога вклучува и лидерска позиција во координацијата на кондиционите тренери од сите 55 национални асоцијации членки на УЕФА.
Овој успех е резултат на долгогодишната и посветена работа на Даневски во европската куќа на фудбалот. Неговата меѓународна кариера започна како асистент тренер на курсеви за млади судии, по што следеше активен ангажман во програмата Talent & Mentor, како и на бројни летни и зимски семинари за елитни судии.

Експертизата на Даневски беше потврдена и преку неговиот ангажман на две големи европски натпреварувања, UEFA EURO 2024 и UEFA Women’s EURO 2025, каде што беше дел од турнирите до самата завршница. До овој момент, тој има директно учество во успешната реализација на дури 33 семинари и работилници на УЕФА. Покрај работата за европската куќа на фудбалот, Даневски како експерт на ФФМ спроведуваше национални семинари и во федерациите на Швајцарија, Србија, Црна Гора и Саудиска Арабија.
Назначувањето на Даневски е значаен успех за Фудбалската федерација на Македонија и домашната судиска организација. Овој чекор е уште еден доказ за квалитетот на македонскиот стручен кадар, кој сè повеќе се позиционира на највисоко меѓународно ниво, потврдувајќи дека македонската судиска школа има што да понуди на европската сцена.



