По серијата депресивни резултати, бледи изданија и дури седум натпревари по ред без постигнат гол под водство на актуелниот селектор, конечно пристигнува една светла и позитивна вест за македонскиот национален тим. За првпат во нашата фудбалска историја, Македонија ќе биде сместена во Шешир 3 за претстојната ждрепка за квалификациите за Европското првенство во 2028 година.
Награда за минатиот труд! Наследството на Мрме и Милевски
Иако актуелната слика на теренот е крајно очајна, ова историско достигнување не паѓа од небо, ниту пак е резултат на моменталната форма. Нашето место во третиот по ранг барабан е директен плод на долгогодишните успеси, континуитетот и бодовите собрани од страна на претходните раководства на ФФМ, како и успешните епохи под водство на поранешните селектори Игор Ангеловски – Мрме и Благоја – Боби Милевски. Нивните историски резултати го кренаа националниот рејтинг до ниво кое сега ни овозможува исклучително поволна стартна позиција, и покрај актуелниот резултатски колапс во кој се наоѓаме.
Потврда од „Football Meets Data“
Специјализираната платформа за фудбалска статистика и проекции, Football Meets Data, преку своите најнови анализи официјално ги потврди проекциите за квалификациските шешири. Според нивните податоци, Франција и Италија веќе го осигураа своето место во елитниот Шешир 1, Романија ни се придружува во Шешир 3, додека репрезентациите како Ерменија и Летонија се потврдени за Шешир 4.
✅ CONFIRMEDFrance 🇫🇷, Italy 🇮🇹 secure Pot 1 in EURO qualifiers!Romania 🇷🇴 confirmed in Pot 3.Armenia 🇦🇲, Latvia 🇱🇻 confirmed in Pot 4. https://t.co/ZXIQh0sLZC
— Football Meets Data (@fmeetsdata) October 5, 2026
Истите симулации ги анализираат и шансите на сите европски селекции да се најдат на завршниот турнир преку различни рути (освојувачи на групи, најдобри второпласирани или преку плеј-оф), каде што Македонија сè уште е во игра, иако процентите не се на наша страна по последните настапи.
Останува искрената надеж дека овој историски пласман во Шешир 3 ќе ни донесе поволна ждрепка која ќе ги зголеми нашите шанси. Но, пред сè, се надеваме дека со некоја „интервенција од небото“ работите конечно ќе се променат и дека црната фудбалска серија која ни се случува во моментов, навреме ќе биде прекината пред стартот на новите квалификации.







