„Македонскиот Стерлинг“ има нов клуб. Погон Шчеќин со филмска кражба го доведе Дарко Чурлинов!

 

Објавено:

Македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов, познат по својата експлозивност и немилосрдни дриблинзи кои со право му го донесоа прекарот „македонскиот Рахим Стерлинг“, има нов клуб. Крилниот напаѓач официјално потпиша договор со полскиот прволигаш Погон Шчеќин со важност до јуни 2028 година, со опција за продолжување на соработката за уште една дополнителна година.

Нашиот интернационалец пристигнува од редовите на турскиот Коџаелиспор, а промоцијата во новиот клуб помина во спектакуларна атмосфера, со видео најава и големи очекувања од навивачите на „Пристанишниот клуб“.

Филмски пресврт: Украден од рацете на најголемиот ривал!

Она што овој трансфер го прави вистинска сензација во Полска е начинот на кој беше изведен. Иако Чурлинов веќе имаше резервирано хотел и беше на пат да ги мине медицинските прегледи во ривалскиот Видзев Лоѓ, раководството на Погон Шчеќин реагираше молскавично и буквално го „киднапираше“ потписот во последен момент.

Овој потег предизвика ерупција од реакции на социјалните мрежи, каде навивачите на Видзев не го криеја својот бес, додека фановите на Погон славеа трансфер-победа уште пред почетокот на сезоната.

Сопственикот на клубот, Алекс Хадитаги, веднаш излезе во јавноста за да ја расчисти ситуацијата околу наводното „киднапирање“: „Го забележавме Дарко уште пред година и пол, кога ни даде гол кој на крајот го спречи Погон да се квалификува за Европа. Пресреќни сме што сега е со нас!“

Импресивно CV и враќање во позната средина

За 26-годишниот офанзивец, ова е враќање во полската Екстракласа, каде претходно веќе ги покажа своите квалитети освојувајќи го Суперкупот на Полска со Јагелонија.

Неговото резиме е за почит, талент развиван во Германија, настапи за Штутгарт, освојувач на Цвајта со големиот Шалке 04 и шампион во англискиот Чемпионшип со Барнли. Полскиот клуб посебно го истакна податокот дека Чурлинов е најмладиот дебитант во историјата на сениорската репрезентација на Македонија, за која досега има забележано импресивни 42 настапи и 5 голови.

Очекувањата се огромни, а „македонскиот Стерлинг“ сега е подготвен да ја крене публиката на нозе на прекрасниот стадион „Флоријан Кригиер“.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено