Додека големите фудбалски ѕвезди ги полнат насловните страници, во рубриката Детско катче денеска им се поклонуваме на едни искрени и храбри момци. Фудбалскиот клуб Кул од Кисела Вода деновиве е дел од престижниот „FIT tournament“ во срцето на Каталонија, каде ја претставуваат Македонија во конкуренција на светски познати академии.
Авантура која се памети цел живот
Единаесет деца, придружувани од нивните тренери, стручниот штаб и најгласната поддршка – нивните мајки, пристигнаа во Барселона со една цел: да покажат дека во Македонија се игра фубал со срце. Во категоријата У11, нашите момци се најдоа во групата А, каде веќе го имаа „огненото крштевање“ против португалскиот гигант Спортинг Лисабон.

Лекции против Спортинг: Фудбалот е и борба и емоција
Натпреварот против Спортинг беше вистинска лекција за тоа колку фудбалот може да биде непредвидлив. По негативниот резултат на полувреме, нашите момци не се предадоа. Се бореа за секоја топка, покажувајќи карактер каков што му доликува на секој врвен спортист. Иако во еден момент успеаја да се вратат во игра, уморот и падот на концентрацијата во самиот финиш го направија своето, нешто што е сосема нормално за оваа возраст и за вака силно темпо.
Но, резултатот тука е во втор план. Важно е што овие 11 деца имаа прилика да се погледнат во очи со врсниците од една од најдобрите светски школи и да сфатат дека со работа и труд, ништо не е недостижно.

Нова шанса веќе денеска!
Нема време за тагување, бидејќи фудбалскиот дух во Барселона продолжува. Веќе денеска во 17:00 часот, момците на Кул излегуваат на нов натпревар, подготвени за нови докажувања и нови фудбалски пријателства под сонцето на Каталонија.
„Детско катче“ будно ќе ги следи нивните настапи. За нас, вие сте шампиони штом ја имате храброста да излезете на тие терени и со гордост да го носите дресот на својот клуб. Сите навиваме за вас!



