Сите навивачи на француската репрезентација конечно можат да здивнат. Најдобриот играч на „триколорите“, Килијан Мбапе, е целосно подготвен за вечерашното полуфинале на Светското првенство против Шпанија, кое е закажано за 21:00 часот на „Далас Стадион“ во Тексас.
Откако Мбапе предвреме го напушти четвртфиналето против Мароко во 77-та минута поради ситна повреда на скочниот зглоб, се појавија големи сомнежи околу неговиот настап. Ситуацијата дополнително се вжешти кога на последниот тренинг беше забележан како тренира одвоено од главната група.
Дешамп ги отфрли сите сомнежи
Сепак, селекторот Дидие Дешамп ги смири страстите на официјалната прес-конференција пред натпреварот.
„Килијан се чувствува добро и е 100% подготвен“, изјави Дешамп, објаснувајќи дека индивидуалниот тренинг бил само превентива и менаџирање на напорот. „Тој има право, како и сите други, да одработи 15 минути наместо 20 минути на одредена вежба“.
Дополнителна одлична вест за Франција е враќањето на Орелиен Чуамени. Играчот за врска на Реал Мадрид ги пропушти последните два натпревари поради повреда, но сега е целосно на располагање на стручниот штаб.
Мбапе во лов на „Златната копачка“
Капитенот на Франција игра неверојатен турнир и моментно е израмнет на врвот на листата на стрелци со Лионел Меси, откако двајцата постигнаа по осум гола. Сепак, Французинот е во блага предност за освојување на „Златната копачка“ бидејќи има и три асистенции на своето конто. Со оглед на неговиот блескав настап, Шпанија ќе има пеколно тешка задача да го запре.
Во пресрет на овој голем натпревар, вниманието го привлекоа и скандалозните изјави надвор од теренот. Поранешниот шпански премиер Маријано Рахој беше обвинет за расизам откако изјави дека француската репрезентација „нема ниту еден француски играч“. Истовремено, сенаторката од Парагвај, Селесте Амарила, го нарече Мбапе „колонизиран Камерунец“, изјава поради која подоцна доби осуда дури и од сопствената влада.
Младите ѕвезди на двете репрезентации покажаа неверојатна зрелост кога беа прашани за овие коментари.
„Оваа француска репрезентација има играчи од различно потекло, исто како и нашата држава. Ние сме обединета група и тоа е сè што е важно“, истакна Ворен Заир-Емери.
Слична, моќна порака испрати и шпанскиот бисер Ламин Јамал: „Фудбалот служи за интегрирање на луѓето и подобрување на општеството. Франција и Шпанија се добар пример за тоа. Вечерва играме еден од најубавите натпревари на светот, нема простор да зборуваме за туѓи коментари“.



