Милевски се збогува: „Горд сум на фудбалерите кои гинеа за Македонија!“

Објавено:

Благоја Милевски и официјално повеќе не е селектор на македонската фудбалска репрезентација. По истекот на неговиот договор на 30 ноември, кој Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) одлучи да не го продолжи, Милевски со емотивно соопштение и се обрати на јавноста, изразувајќи благодарност за можноста да го предводи националниот тим.

Во своето обраќање, Милевски упати искрена благодарност до федерацијата и до сите претседатели со кои соработуваше од 2014 година (Ѓорѓиоски, Сејдини и Омерагиќ), нагласувајќи дека обезбедените услови биле клучни за постигнување резултати кои влегоа во историјата.

Извор: https://www.ffm.mk

Посебна почит за „борците“ на теренот

Сепак, најголем дел од емоциите Милевски ги насочи кон своите избраници.

„Особено сум горд на нашите фудбалери. Тие покажаа што значи да се игра за Македонија. Нивната енергија, посветеност и упорност ни донесоа победи и резултати кои ќе останат во сеќавање. Тоа ме исполнува со вистинска гордост“, истакна поранешниот селектор.

Тој не ги заборави ниту членовите на својот стручен штаб, медицинскиот и логистичкиот тим, нарекувајќи ги дел од усогласена целина неопходна за успех.

Ера на екстреми: Историски победи и тешки порази

Ерата на Благоја Милевски ќе остане запаметена по огромни осцилации, но и резултати кои ја зафатија нацијата. Под негова „палка“, Македонија се избори за два историски плеј-оф дуели за Светско првенство, вклучувајќи ја и незаборавната победа над Италија (0-1) во Палермо.

На списокот на успеси се и убедливата победа над Ерменија (0-5), ремијата со Италија, Англија и Белгија, како и освоеното прво место во групата од Лигата на нации. Всушност, Македонија под Милевски немаше пораз цели две години во официјален натпревар.

На другата страна на вагата, Милевски беше на клупата и при двата најголеми порази во историјата на Македонија – против Англија (7-0) и Велс (7-1).

ФФМ сега е во потрага по нов селектор, чие име се очекува да биде објавено во претстојниот период.

Прочитајте ја целосната изјава на Милевски во продолжение:

Драги поддржувачи на македонската репрезентација,

Би сакал да изразам искрена благодарност до Фудбалската федерација на Македонија и до сите претседатели на нашата федерација, Илчо Ѓорѓиоски, Муамед Сејдини и Масар Омерагиќ, кои од 2014 година, обезбедуваа услови и поддршка што ни овозможија да постигнеме резултати вредни за историјата на македонскиот фудбал.

Посебна благодарност упатувам до претседателот Масар Омерагиќ за континуираната и јасна поддршка во изминатиот период. Таквите основи се неопходни за секој професионален процес да функционира стабилно. Во фудбалот, како и во секоја друга област.

Особено сум горд на нашите фудбалери. Нивната енергија, посветеност и упорност  ни донесоа победи и резултати кои ќе останат во сеќавање. Тие покажаа што значи да се игра за Македонија и тоа ме исполнува со вистинска гордост.

Благодарен сум и на мојот стручен штаб, медицинскиот и логистичкиот тим за професионалноста и соработката. Секој од нив ја вршеше својата работа тивко и прецизно, како дел од една целина што мора да биде усогласена за да успее.

Чест ми беше да ја водам репрезентацијата и да бидам дел од овој заеднички труд. Јас и во иднина ќе бидам со репрезентацијата, со внимание, поддршка и почит.

Благоја Милевски

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено