Милијарди евра потрошени на засилувања, статус на неприкосновена фудбалска суперсила и ароганција која со години се гради на Островот. Премиер лигата долго време се смета за недопирлива, но овогодишната нокаут-фаза во Лигата на шампионите донесе брутално приземјување. Додека англиските клубови се расфрлаат со пари, нокаут-фазата во Лигата на шампионите покажа дека парите не секогаш гарантираат доминација во Европа.
Сликата е поразителна. Манчестер Сити, синонимот за доминација под водство на Пеп Гвардиола, трета година по ред е исфрлен од Реал Мадрид (овојпат со убедливи 5-1). Челси, пак, доживеа историски срам откако Пари Сен Жермен си поигра со нив нанесувајќи им дебакл од 8-2. Кога на ова ќе се додадат маките на Ливерпул, Тотенхем и Њукасл, јасно е дека англискиот фудбал се наоѓа во сериозна криза на идентитетот на меѓународна сцена.

Парите не купуваат систем: Парадоксот на англиските трошења
Ако се погледне глобалниот пазар, статистиката е луда: дури 11 од 13-те клубови кои потрошиле најмногу пари оваа сезона доаѓаат од Англија. Сепак, тој финансиски мускул не се пресликува во квалитет на теренот.
Проблемот е што повеќето од овие тимови се наоѓаат во хаотична транзиција. Челси е екстремен пример за клуб кој купува сè што ќе стигне без никаков план, додека Сити и Ливерпул се обидуваат да направат смена на генерациите кои им ги донесоа најголемите успеси. Во моментов, единствено Арсенал изгледа како тим со јасна визија, што го потврдија со рутинската елиминација на Леверкузен, но дури и тие се критикувани дека го играат „најгрдиот“ фудбал во моментов.
Тактичка назадност: Силата не е доволна против вистинска класа
Она што најмногу загрижува е тактичката немоќ. Слободниот, брз и интересен фудбал кој ги красеше премиерлигашите изминативе години е заменет со погруб, потактички стил на игра каде фокусот е ставен на физичката доминација и прекините. Тоа можеби поминува во Англија, но во Европа се казнува.
Во групната фаза тоа функционираше – англиските тимови ги освоија првите места и бележеа победи над Баерн, Барселона и Реал Мадрид. Но, кога дојде пролетта и влогот се зголеми, дојде до брзо и болно отрезнување. Лигата која може да се пофали со шест од десетте најбогати клубови во светот одеднаш изгледа ранливо.

Катастрофалната дефанзива на англиските гиганти е најдобар доказ. Манчестер Сити и Челси, тимови кои важат за дефанзивно стабилни во домашното првенство, примија вкупно 13 голови во осминафиналето. Кога нивните одбрани се соочија со техничката брилијантност и брзината на играчи како Винисиус Жуниор, Кварацхелија и Баркола, тие изгледаа како аматери. Ова наликува на мрачните денови од 90-тите кога англиските екипи беа редовно декласирани од мајсторите во Шпанија и Италија, а Ромарио и Батистута правеа дар-мар низ англиските одбрани.
Изговорите се познати: замор од пеколниот распоред, недостиг на зимска пауза, па дури и „лоша среќа“ во ждрепката. Но, како што забележуваат многумина во реномираните спортски медиуми, овие оправдувања се слушаат само кога англиските клубови губат. Кога доминираа пред неколку години, никој не го спомнуваше распоредот.
Има ли спас за Островот?
Вечерва, очите на англиската јавност се вперени кон Ливерпул, Тотенхем и Њукасл. „Црвените“ бркаат негатива против Галатасарај, Њукасл го чека пекол на „Камп Ноу“, а Тотенхем треба да надополни три гола против Атлетико Мадрид. Но судејќи според досегашното искуство, претстои уште една многу тешка и мачна вечер за англискиот фудбал.
Дури и ако некој од нив успее да направи чудо, пораката од Европа е јасна: ПСЖ, Реал Мадрид и Баерн Минхен се на сосема друго ниво. Премиер лигата можеби ги има најбогатите сопственици и најскапите ТВ права, но фудбалската интелигенција и победничкиот менталитет во Лигата на шампионите очигледно не се на продажба.



