Младински Куп: Вардар и АП Брера доминираат, „црвено-црните“ преку пенали до полуфинале

 

Објавено:

Денешниот ден во Купот на Македонија донесе возбудливи натпревари во младинските категории, каде екипите на Вардар и АП Брера ги потврдија своите кандидатури за трофеите, обезбедувајќи пласман во полуфиналето во младинска и кадетска конкуренција.

Додека Струмичани ја покажаа својата моќ во финишот на мечевите, „црвено-црните“ мораа да поминат низ вистинска драма за да го продолжат патот во најмасовното натпреварување.

Грбевски херој на Вардар во младинската драма

Најголемата возбуда кај младинците се случи на дуелот меѓу Вардар и Македонија ЃП. По 90 минути игра, мрежите мируваа (0:0), иако Вардар имаше златна шанса да го реши мечот порано, но голманот на „лавовите“, Дарко Јовчевски, одбрани пенал во регуларниот дел.

Победникот се одлучуваше преку ударите од 11 метри, каде на сцена стапи голманот на Вардар, Павел Грбевски. Со клучна одбрана во серијата, тој му донесе победа на својот тим од 6:5 и пласман меѓу четирите најдобри.

Лидерот во првенството, АП Брера, го совлада Работнички со 2:0. Струмичани го скршија отпорот на „романтичарите“ во последните 15 минути преку Матеј Сејменов (75′) и Иван Танчев (85′). Утре се играат преостанатите два меча: Њу Старс – Шкупи и Пелистер – Брегалница.

Извор: https://www.ffm.mk

Кадетите на Вардар и Брера сигурни, Асани со хет-трик

И во кадетска конкуренција истите два клуба се радуваа на полуфинале. Вардар ја совлада Македонија ЃП со 4:2, во натпревар кој го одбележа фантастичниот Невзат Асани. Младиот офанзивец на Вардар постигна хет-трик (15′, 36′ и 49′), а во листата на стрелци се запиша и Георгиоски. Погодоците за гостите од Ѓорче беа дело на Михајловски и Кнежевиќ.

АП Брера со идентични 2:0 како кај младинците го елиминираше Работнички, со головите на Манчовски и Војчески во самиот финиш од средбата.

Пионерите на Вардар со „осумка“ за полуфинале

Најубедливиот резултат на денот го постигнаа пионерите на Вардар. Тие буквално го збришаа тимот на Њу Старс со неверојатни 8:0. Блескаше Николче Баталоски со четири погодоци, Кирил Стојановски додаде хет-трик, а еден гол постигна Котески.

Вардар во оваа категорија им се приклучи на Пелистер и Брегалница, а последното место во полуфиналето ќе се пополни по дуелот меѓу Работнички и АП Брера.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено