Футсал репрезентацијата на Македонија на најдобар можен начин го отвори настапот во првиот круг од квалификациите за пласман на Светското првенство. Избраниците на селекторот Газменд Хисејини одиграа одличен натпревар и со убедливи 4:1 ја совладаа селекцијата на Бугарија, најавувајќи сериозни амбиции во Групата Ц.
Нашите момци тргнаа фуриозно уште од самиот почеток на средбата. Мрежата на противникот ја начна Иван Крстевски уште во втората минута, а веќе во деветтата минута предноста беше удвоена благодарение на одличниот погодок на Берат Рамадани. Доминацијата на паркетот можеше да донесе и поубедливо водство пред паузата, но Тони Киревски за жал не успеа да реализира удар од белата точка во 18-тата минута.
На почетокот од второто полувреме, бугарскиот состав успеа да внесе мала неизвесност откако Владимир Бахаров намали на 2:1. Сепак, македонските футсалци не дозволија изненадување. Во самиот финиш од натпреварот, кога противникот фрли сè на една карта во обид да израмни, нашиот голман Антонио Петровски со прецизен удар преку целиот терен зголеми на 3:1 во 38-мата минута. Само педесетина секунди подоцна, Берат Рамадани со својот втор гол на натпреварот ги постави конечните 4:1.
Со оваа победа, Македонија изби на првото место во својата квалификациска група. Веќе утре во 15:30 часот, нашите репрезентативци ги очекува клучниот дуел против селекцијата на Турција. Доколку забележат нов триумф, тие со сигурност ќе обезбедат една од првите две позиции кои водат директно во следната фаза од мундијалските квалификации.



