Една ера заврши во ХСГ Вецлар. По катастрофалната серија од 11 последователни порази во Бундеслигата, српскиот тренер Момир Илиќ заедно со својот помошник Владан Јордовиќ поднесе оставка, преземајќи целосна одговорност за лошите резултати.
Овој потег, направен во четвртокот наутро, го означува крајот на нивната работа во германскиот клуб.
„Болна одлука“ и преземена одговорност
Спортскиот директор Јасмин Цамџиќ ја опиша разделбата како „болен чекор“, но изрази длабока почит кон одлуката на Илиќ и Јордовиќ.
„Момир и Владан вложија сè да направат пресврт… Фактот што не успеаја нè погодува сите. Оддавам почит за нивниот доследен и одговорен потег. Тоа не е нешто што се подразбира“, изјави Цамџиќ, кој сега мора итно да бара решение за наследник.
Самиот Илиќ ја објасни својата одлука со потребата од промена.
„Резултатите во последно време се подеднакво разочарувачки за нас како и за секој навивач. Клубот и луѓето овде брзо ми прираснаа за срце, поради што многу жалам. Во оваа тешка ситуација преземам одговорност. На екипата ѝ е потребен нов импулс“, порача Илиќ.
Генералниот директор со јасна порака: Вината не е само кај тренерот!
Додека тренерите ја понесоа одговорноста, генералниот директор Бјорн Зајп ја искористи ситуацијата да испрати остар апел до играчкиот кадар. Откако ја информираше екипата за оставката, Зајп јасно им стави до знаење на играчите дека тие се следни на линија на одговорност.
„Тие (Илиќ и Јордовиќ) не се единствените одговорни за нашата моментална ситуација. Секој играч мора да се преиспита себеси и своите досегашни партии“, беше остар во излагањето Зајп.
Барањето е јасно: поголема посветеност и ментална сила.
„Потребен ни е повеќе фокус, подобар ментален пристап и апсолутна подготвеност во секој натпревар да се даде сè, ама баш сè, за соиграчот. Верувам во квалитетот на нашите играчи, но тие мора тој квалитет и редовно да го прикажуваат“, заклучи Зајп.
Вецлар сега влегува во период на неизвесност, но со јасно дефинирана цел: излез од резултатската криза и враќање на победничките патеки.
Гостинска статија на Марија Петровска


