Додека во хотелот „Хилтон“ се одржуваше свечената промоција на новиот селектор Гоце Седлоски, на социјалните мрежи одекна „бомба“ од човекот кој ја однесе Македонија на Европско првенство. Игор Ангеловски – Мрме упати директни и тешки обвинувања до раководството на ФФМ, нарекувајќи го процесот на избор на нов стратег – скандалозен и несериозен.
„Ни риба, ни девојка“
Ангеловски, кој и самиот фигурираше како еден од кандидатите за враќање на клупата, не штедеше зборови за начинот на кој федерацијата менаџира со, како што вели тој, „националното прашање“, како што е пласманот на Светското првенство.
„Селекторот Гоце Седлоски ни риба ни девојка! Несериозен пристап на раководството на ФФМ заедно со УО најпрво со селекторот Благоја Милевски, а сега и со изборот на новиот селектор Гоце Седлоски за клучните натпревари за пласман на СП. Важно е само личните интереси да Ви бидат задоволени“, порача Ангеловски преку својот Фејсбук профил.
Директна порака до колегите: „Не ми се јавувајте!“
Посебно остар беше Мрме кон своите колеги од комисијата која го предложи Седлоски. Тој откри дека незадоволството меѓу македонските тренери е огромно, што го потврдиле и разговорите на денешниот семинар за „Про-лиценца“.
„Ваков скандал колеги ‘мои’ кои сте во комисијата… Ве молам да не ми се јавувате! Одважете се и излезете јавно! Зошто дозволувате да бидете пандан зад кој се кријат ‘фудбалски стаорци’“, прашува Ангеловски, упатувајќи и директна прозивка до г. Омерагиќ да се замисли за состојбите.
Македонскиот фудбал не го заслужува ова
Поранешниот селектор потсети на историскиот успех кој го постигна со целиот негов стручен штаб и играчите, нагласувајќи дека македонскиот фудбал не заслужува вакви нетранспарентни игри во моменти кога нè очекуваат најважните мечеви во овој циклус.
Останува да се види дали и како ФФМ ќе одговори на овие тешки зборови од најуспешниот предводник во историјата на „рисовите“. Едно е сигурно – патот на Седлоски започнува со голем притисок и поделена фудбалска јавност.




