Мрме возврати повторно: „Немојте да се доведувате во ситуација да дувате на јогурт!“

Објавено:

Ако некој мислеше дека страстите во македонскиот фудбал ќе стивнат по именувањето на Седлоски, се излажа. Поранешниот селектор Игор Ангеловски упати јавен и жесток одговор до претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, обвинувајќи го за замајување на јавноста, ноторни лаги и неетичко однесување.

„Не знаев дека имате дарба за медицина“

Ангеловски го започна својот одговор со иронија, упатувајќи „отровни стрели“ кон психо-физичката кондиција на првиот човек на федерацијата, но брзо на скандалот со неговата наводна кандидатура за селектор.

„Како тоа моето име се најде за кандидатура ако вчера изјавувате ноторни лаги за мене? Вие ми се јавивте мене! Прво Горан Пандев по Ваше барање, а потоа и Вие лично. Бидете искрени и кажете што Ви одговорив: Дека од мене можете да очекувате само професионалност!“, дециден е популарниот Мрме.

Скандал со „интерфон“ и преговори зад грб

Најшокантниот дел од реакцијата на Ангеловски е тврдењето дека Омерагиќ го прислушувал нивниот разговор заедно со други сведоци, без да го извести соговорникот.

„Ме пуштивте на интерфон без да ме известите за тоа, како што кажавте ‘пред сведоци’. Додека Вие ми одговаравте дека ‘сè уште не сте одлучиле’ за нов селектор, Вашиот личен избор веќе договараше стручен штаб и се јавуваше на кондициски тренери во Хрватска!“, открива Ангеловски.

„Про-лиценцата ми е од Менчестер Јунајтед, а не од Вашите регистри“

Откако во јавноста беа пласирани сомнежи за неговата тренерска лиценца, Ангеловски одговори со факти кои водат директно до Нион и „Олд Трафорд“.

„Јавно Ве повикувам да извршите ревизија на сите лиценци! Мојата ја одработив во УЕФА под менторство на Дејвид Мојс, тогашниот тренер на Манчестер Јунајтед. Добив највисока оцена и сè е документирано во архивите на УЕФА. Нема да дозволам да фрлате дамка врз моето име!“

Напад врз одлуката за Седлоски

Ангеловски не пропушти да го критикува и назначувањето на Гоце Седлоски како „хонорарен“ селектор кој истовремено ќе работи и во клуб (Вардар).

„Зборуваме за бараж за СП, натпревар од НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС, а Вие назначувате селектор кој истовремено ќе работи во клуб и репрезентација! Немојте да ја замајувате јавноста“.

За крај, поранешниот селектор испрати јасна порака до Омерагиќ: „Немојте да се доведувате во ситуација да дувате на јогурт!“


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено