Сагата продолжува: Омерагиќ му одговори на Мрме – „Ангажманите му траат пократко од рокот на јогуртот!“

Објавено:

Драмата во „Куќата на фудбалот“ не стивнува. По вчерашниот жесток напад на Игор Ангеловски, кој раководството на ФФМ го нарече „стаорци“, по вчерашните „реакции“ на Пандев и Јовчев, денес со брутален одговор се огласи претседателот на федерацијата, Масар Омерагиќ.

Личните амбиции пред интересот на Македонија

Омерагиќ не штедеше зборови, обвинувајќи го популарниот Мрме дека своите лични цели ги става пред репрезентацијата и новиот проект со Гоце Седлоски. Првиот човек на ФФМ истакна дека Ангеловски бил свесен дека е еден од кандидатите, но дека федерацијата се одлучила за „нова енергија“.

„Крајно некоректно беше веднаш да реагира. Му посакувам добро здравје и да поработи на тренерските способности, бидејќи неговите последни ангажмани траеја пократко од рокот на јогуртот во супермаркет“, изјави Омерагиќ, алудирајќи на кратките епизоди на Ангеловски во клупскиот фудбал по заминувањето од репрезентацијата.

„Знаеме кои сме и што сме“

Претседателот на федерацијата потенцираше дека работи про-боно и дека навредите упатени кон него и неговите соработници зборуваат повеќе за оној што ги изговорил. Омерагиќ откри дека лично го контактирал Ангеловски пред изборот, при што тренерот наводно ветил поддршка за одлуката, што подоцна ескалираше во јавен судир.

„Не сакам тој да се претвори во ѕвезда на месецот. Тоа што нè нарече стаорци, негово си е. По таков напад, мораше да се каже и другата страна“, заклучи првиот човек на македонскиот фудбал.

Очигледно е дека јазот меѓу најуспешниот селектор во нашата историја и моменталното раководство на ФФМ е ненадминлив. Именувањето на новиот селектор Седлоски донесе бура во фудбалот, а македонската фудбалска јавност е сведок на „ниски удари“ кои не му одат во прилог на спортот.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено