„Циркузот“ во македонскиот фудбал не само што не запира, туку добива и нови, вулгарни димензии. По „отровните стрели“ кои си ги разменија Игор Ангеловски и Горан Пандев, во војната се вклучи и новиот член на стручниот штаб на репрезентацијата. Гого Јовчев, кој е именуван за тренер на голманите во тимот на Гоце Седлоски, преку социјалните мрежи испрати жестоки навреди кон поранешниот селектор.
„Затвори ја муцката љонгар еден!“
Јовчев, видно изреволтиран од критиките на Ангеловски кон раководството на ФФМ и Масар Омерагиќ, употреби речник кој не доликува на носител на функција во националниот тим.
„Абе пекинезер, ти ли бе најде да коментираш за Масар Омерагиќ и Горан Пандев дека се во ФФМ за интерес? Абе лингур, господинот Масар Омерагиќ од свој џеб вложува во фудбалот… Не заборавај Горан Пандев ти ја спаси кариерата, те остави селектор клошариште едно клошарско… Затвори ја муцката љонгар еден“, напиша Јовчев на својот Инстаграм профил, во прилог на песната „Bella Ciao“.
Ова доаѓа како директна одбрана на новиот курс на ФФМ, само неколку часа откако и Пандев го нарече Ангеловски „шарлатан“ и „замислен Наполеон“.

Јавноста прашува: „Шчо напраифме?“
Додека фудбалските работници се „гаѓаат“ со епитети како „пекинезер“ и „клошар“, јавноста со неверување ја следи деградацијата на дискурсот. На социјалните мрежи сè почесто се цитира големиот Крсте Петков Мисирков и неговото суштинско прашање од книгата „За македонцките работи“: „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?“.
Иронијата е огромна, додека Мисирков повикуваше на „културно работење“ и „дуовно соединување“ за доброто на татковината, денешните фудбалски дејци ја делат јавноста со приземни навреди.
Наместо обединување пред клучниот бараж за Светско првенство, македонскиот фудбал тоне во меѓусебни пресметки, оставајќи го новиот селектор Седлоски во исклучително тешка позиција да гради тимски дух во токсична атмосфера.



