Фудбалската јавност во Македонија вечерва е сведок на невиден судир меѓу двете клучни фигури од успехот на Европското првенство. По обвинувањата на Игор Ангеловски за изборот на Седлоски, легендарниот капитен Горан Пандев излезе со „отровен“ статус во кој директно го нападна поранешниот селектор.
„Шарлатан кој се става во прв план“
Пандев, кој е дел од новото раководство на ФФМ, не бираше зборови за да го опише својот поранешен стратег, нарекувајќи го „замислен Наполеон“ и „шарлатан“.
„Се јави големиот селектор, големиот ‘патриот’. Не дочека ни 6 часа да почне да плука. Замислениот Наполеон. Експертот кој во последните години во ниеден клуб не се задржа повеќе од 2-3 месеци,“ напиша Пандев во својата објава.
Порака за крај на кариерата: „Ајде со мене во пензија!“
Гоче, кој секогаш бил познат по својата искреност, овојпат отиде чекор понатаму, порачувајќи му на Ангеловски дека неговото време е завршено и дека промените во Федерацијата се конечни.
„Шарлатан кој секогаш се става во прв план. Ајде со мене во пензија, доста ти беше, помина времето на шуто и рогато во ФФМ,“ заврши Пандев, испраќајќи јасна порака дека нема враќање назад.
Овој конфликт ја подели јавноста како никогаш досега. Додека Мрме обвинува за несериозност и лични интереси, Пандев возвраќа со обвинувања за професионален неуспех и егоизам. Едно е сигурно – „жешката столица“ на Гоце Седлоски стана уште пожешка по овој фронтален судир на легендите.



