На денешен ден пред 63 години, 5 август 1962, Охрид го запиша своето име во светската спортска историја, станувајќи домаќин на првото Светско првенство во маратонско пливање на слатки води.
Се пливаше 34 километри, од рибарското Пештани, преку реката Црн Дрим и Струга, до целта пред хотелот “Палас” во срцето на Охрид. Тоа подвиг кој ја тестираше издржливоста, волјата и срцето.
Но, токму од срцето на Охрид дојде и најголемата приказна на денот за 17-годишната Атина Бојаџи. Предводена од храброст и гордост, Атина прва ја мина целта во женска конкуренција, освојувајќи победа што ќе ја направи национална хероина. Тоа беше триумф што не беше само спортски, туку и симболичен. Девојка од мал град покрај езерото, станува лице на светскиот успех.

Меѓу сведоците на оваа спортска револуција беше и шеикот Ел Габар ел Сабах од Кувајт. Вљубеник во маратонското пливање, тој првпат слушнал за Охрид во 1960 година, по победата на Дики Бојаџи на трката во Капри. Впечатоците од таа средба со македонскиот дух биле толку силни, што шеикот следните четири години не пропуштил ниту една трка во Охрид, носејќи со себе делегација, подароци и награди од по 1.000 фунти за најдобрите. Денес, тоа изгледа како мал гест. Но тогаш, тоа било двигател кој го зацврсти маратонското пливање во Охрид како традиција.
Во професионалната конкуренција, златото го однесе египетскиот шампион Абдел Абу Хеиф, еден од најголемите маратонци на своето време. А кај аматерите победи неговиот сонародник Небил Шазди. Македонија имаше повеќе причини за гордост. Освен Атина, Дики Бојаџи го освои третото место кај професионалците, а Климе Савин беше четврти меѓу аматерите.
Овој ден не заврши со аплаузот пред “Палас”. Тој стана семе што ќе порасне во традиција. Од 1992 година, манифестацијата го доби своето официјално име – Охридски пливачки маратон, станувајќи дел од Светскиот маратонски куп. И до ден-денес, секој август, езерото повторно ја раскажува таа стара, но секогаш жива приказна за храброста, за водата, и за малиот историски град кој испиша светска спортска историја.




