ТРАНСФЕР БОМБА: Ливерпул го сруши британскиот трансфер рекорд, комплетирајќи го потписот на германскиот „магионичар“ Флоријан Вирц од Баер Леверкузен за неверојатна сума која, со сите бонуси, може да достигне и до 150 милиони евра.
Овој потег го катапултираше 22-годишниот офанзивец во фудбалската историја. Вирц официјално стана најскапиот германски фудбалер на сите времиња, најскапиот играч во историјата на Премиер лигата и шесто најскапо засилување во историјата на фудбалот. Доколку се исполнат сите бонуси, овој трансфер може да скокне на третото место на вечната листа. Истовремено, тој е и најскапиот продаден играч во историјата на Баер Леверкузен и на целата Бундеслига.

Но, она што го прави овој мега-трансфер уште поинтересен е еден неверојатен детаљ – семејниот бизнис кој стои зад него.
За разлика од речиси сите модерни фудбалери, кариерата на Вирц не ја води моќна агентска куќа, туку неговите родители, Ханс и Карин Вирц. Тие беа главните преговарачи во зделката со Ливерпул, а за својот труд ќе бидат богато наградени.

Според германски „Билд“, родителите на Вирц ќе ја добијат стандардната агентска провизија од 10% од платата на нивниот син, што во текот на петгодишниот договор ќе им донесе заработка од околу 10 милиони евра (£8.6 милиони). Ова е редок, речиси невиден случај во модерниот фудбал, каде што семејството директно профитира од трансферот на ваков начин, без посредници.
Додека Ливерпул добива играч од светска класа кој минатата сезона беше мотор на незапирливиот Леверкузен, семејството Вирц докажа дека во фудбалот, понекогаш најдобриот бизнис е оној што останува – дома.
— Liverpool FC (@LFC) June 21, 2025


