Испаѓањето на Португалија од Шпанија во осминафиналето на Светското првенство предизвика лавина реакции, но можеби најбруталната и најискрената анализа доаѓа од соседството. Познатиот хрватски портал „Индекс“ (Index.hr) објави остра колумна потпишана од новинарот Вице Карин, во која директно се лоцира виновникот за крахот на една од најнадарените европски селекции.
Во колумната со наслов „Најталентираната португалска репрезентација умре во ропството на трошниот Роналдо (41)“, авторот без пардон го анализира влијанието на Кристијано Роналдо врз играта на португалскиот национален тим.
„Роналдо никогаш не играл одбрана, но сега е товар“
Според анализата на хрватскиот портал, Португалија со години игра досаден и немагинативен фудбал, а главната причина за тоа е фактот што целата екипа е „заложник на Роналдо“.
„Роналдо никогаш не играл одбрана. Од играч кој испорачува 60-70 голови по сезона тоа не се ни очекува. Но, тука има два проблема. Првиот е што тој веќе четири години не игра европски фудбал, туку ужива во комфорот на Саудиска Арабија. Вториот е што Португалија покрај него има премногу играчи (Жоао Феликс, Бруно Фернандеш, Рафаел Леао) кои исто така не играат одбрана. Осум на 11 е долгорочно неиздржливо,“ се наведува во текстот.
Авторскиот став на Карин е дека Шпанија лесно го изолирала предниот дел од португалската екипа токму поради оваа дисбалансираност.
Што му носи Кристијано на тимот денес?
Текстот поставува круцијално прашање: Што Роналдо денес му донесува на португалскиот тим во елитниот фудбал?
Анализата потенцира дека недостасуваат препознатливите втрчувања во празен простор и моќта за дуели со помладите дефанзивци. Се критикува и селекторот Роберто Мартинез, за кого се смета дека немал храброст за тактички прилагодувања, оставајќи го тимот да игра со „статична деветка“.
„Во игра се вклучуваше само кога ќе се повлечеше кон средината за да одигра едно-две наједноставни додавања. Делуваше бизарно… како да сакаше да ги потсети сите на стадионот, а и самиот себеси, дека игра,“ пишува во колумната. Единствениот препознатлив „Роналдо момент“, според авторот, бил поништениот гол против Хрватска поради офсајд.
Идолопоклонство кое го уништи талентот
Фудбалот секогаш мора да се движи напред и дека ниеден поединец не смее да биде поголем од тимот. Токму тоа го заклучува и „Индекс“.
Во текстот се потсетува на храбриот потег на Фернандо Сантош пред четири години, кога го остави Роналдо на клупа, а Гонсало Рамос возврати со хет-трик. На овој турнир, Рамос влезе само за да ја спаси Португалија од Хрватска, за веќе на следниот меч со Шпанија да остане закован на клупата.
„Португалија со години произведува неверојатни таленти, а сега стана роб на најголемиот од нив. Роналдо стана поголем од играта и од репрезентацијата. Денот кога ќе се прости, ќе биде првиот ден на една нова репрезентација. И Португалците треба жестоко да го прослават,“ заклучува Вице Карин во својата остра анализа.
Без оглед на симпатиите, фактите на теренот се немилосрдни – ерата на Кристијано дефинитивно е пред својот крај.



