Новиот европски шампион Астон Вила имаше безрезервна поддршка на патот до големиот пехар во Лигата на Европа. Пред почетокот на историскиот дуел во Истанбул против Фрајбург (3:0), најверните навивачи на клубот од Бирмингем приредија уште еден фасцинантен визуелен спектакл на трибините на „Бешикташ Парк“, кој како да ја најави епската шампионска ноќ.
Избраниците на Унаи Емери излегоа на теренот со мисија да ги запишат своите имиња во клупската историја, а нивните поддржувачи се погрижија соодветно да го одбележат најважниот натпревар во последните четири децении.
Култниот дрес од 1982 година повторно оживеан во Турција
Во минутите непосредно пред почетокот на големото финале, северната трибина на стадионот комплетно се обои во препознатливите клупски бои. Илјадници навивачи истовремено почнаа да веат темно црвени и сини знамиња, создавајќи уникатен визуелен приказ на култниот домашен дрес од 1982 година.
Оваа легендарна опрема, која ја носеше златната генерација што пред точно 44 години стана европски првак, беше повторно оживеана среде Турција како симбол на новата ера на надеж, возбуда и голем оптимизам. Спектакуларната слика беше надополнета со моќното и громогласно пеење на навивачката химна „Hi Ho Silver Lining“, која предизвика емоции кај сите присутни на стадионот.


„Напред Вила“ и моќниот лав за европска слава
Вистинската кулминација на кореографијата се случи за време на свечената церемонија за отворање на финалето. Од првите редови покрај теренот беше подигнато огромно панорамско платно кое почна да се пренесува преку рацете на навивачите на долниот десен дел од трибината.
На гигантското платно стоеше традиционалниот навивачки крик „UP THE VILLA“ (Напред Вила), придружен со централна, доминантна фигура на лав, кој е заштитен знак на клупскиот грб. Овој последен навивачки перформанс за оваа сезона не беше само обично визуелно уживање, туку вистински воен крик кој им даде дополнителен ветер во грб на фудбалерите за убедливиот триумф и доминацијата на теренот.




