ФФМ го „мери“ пулсот со Седлоски или Николиќ? ФФМ бира меѓу легенда и странец со расистички скандал во минатото

Објавено:

Додека прашината од дебаклот во Кардиф (1-7) сè уште не е слегната, а јавноста бара одговори, во кулоарите на ФФМ веќе се шепотат имињата на наследниците на Благоја Милевски. Според ексклузивни сознанија и шпекулации кои кружат во фудбалските кругови, „Куќата на фудбалот“ се двоуми помеѓу две концептуално различни решенија: домашната легенда Гоце Седлоски и докажаниот српски стратег Марко Николиќ.

Но, пред да ги анализираме кандидатите, SportStation.mk апелира за нешто поважно од самото име – апелираме за ПРОЦЕС.

Како тоа го прават големите? (Лекција за ФФМ)

Ако сакаме да бидеме европска репрезентација, мораме да се однесуваме така и во канцелариите. Кога сериозните федерации бираат селектор, тие не бараат „кој е слободен“. Тие спроведуваат процес:

  1. Дефинирање на ДНК: Прво се одредува каков фудбал сака да игра Македонија во наредните 10 години.
  2. Вертикална интеграција: Се бара кандидат кој ќе понуди цел проект. Тоа значи дека селекторот на А-тимот мора да има влијание и врз поставувањето на селекторите на У21, У19 и У17 селекциите. Идејата е иста: да се игра иста филозофија од петлиња до сениори, по теркот од типот на Шпанија и други светски велесили или пак доволно е да се види во блиското соседство во Хрватска.
  3. Интегритет: Изборот мора да биде човек со морал и етика, имун на „мешетарења“.

Кандидат 1: Гоце Седлоски – „Иконата“ од Големо Коњари

Првиот фаворит, според чаршиските муабети, е Гоце Седлоски.

  • Кој е тој? Роден во Големо Коњари, Прилеп, Седлоски е жива легенда со точно 100 настапи за Македонија.
  • Искуство: Како играч беше лидер во Хајдук Сплит, Шефилд Венздеј и Динамо Загреб. Како тренер, веќе има искуство со освојување титули. Беше шампион со Вардар (двапати) и со Шкупи, а работеше и во Широки Бријег, Рига и Динамо Загреб II. Во моментов е тренер на Вардар.
  • Наша оцена: Седлоски ја познава лигата и менталитетот „во прсти“. Тој е авторитет во соблекувалната. Но, прашањето е дали може да донесе тактичка иновација на европско ниво?

Кандидат 2: Марко Николиќ – „Генералот“ со темна дамка

Второто име е многу поинтересно, но и поконтроверзно. Марко Николиќ (46), актуелен тренер на грчки АЕК.

Извор: https://www.bbc.com/ {Getty Images}
  • Педигре на победник: Николиќ е „трофеен магнет“. Има освоено титули и купови во Србија (Партизан – двојна круна), Унгарија (Видеотон) и Русија (Локомотив Москва и ЦСКА Москва).
  • Предноста: Нема „опашки“ во македонскиот фудбал и би бирал играчи исклучиво според квалитет.

⚠️ „Дамката“ од Олимпија Љубљана Сепак, во биографијата на Николиќ стои еден сериозен инцидент кој ФФМ не смее да го игнорира ако бара „човек со етика“. Во 2016 година, Николиќ беше избркан од Олимпија Љубљана по само 8 натпревари поради расистички скандал. Камерите го снимија како го нарекува својот играч, Нигериецот Блесинг Елеке, „црн идиот“ бидејќи предолго го славел израмнувачкиот гол. Иако Николиќ се правдаше дека било „емотивна реакција“ и дека немал намера да навреди на расна основа, Фудбалската федерација на Словенија го суспендираше на 7 натпревари поради „чист расизам“, по што клубот го раскина договорот со него.

Што понатаму?

Договорот на Милевски истекува, а претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, наводно го напуштил стадионот во Кардиф видно разочаран.

Дали ФФМ ќе оди на „домашна карта“ со Седлоски или ќе ризикува со докажаниот, но контроверзен Николиќ? Или можеби трета опција? Што и да биде, овојпат не смее да биде импровизација. Баражот е во март. Време немаме.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено