Нов шок за Ред Бул: Тркачкиот инженер на Макс добива „понуда што не се одбива“

Објавено:

Дали сме сведоци на крајот на една ера во Формула 1? По заминувањето на „мозокот“ Адријан Њуи и спортскиот директор Џонатан Витли, Ред Бул се соочува со уште еден колосален удар. Џанпјеро Ламбијасе, човекот кој е „гласот на разумот“ во увото на Макс Верстапен од 2016 година, е во сериозни преговори за премин во Астон Мартин.

Тајни преговори за висока функција

Според високо позиционирани извори, Ламбијасе не разговара само за инженерска позиција. Астон Мартин му нуди сениорска менаџерска улога, потенцијално на ниво на тимски шеф или извршен директор, како дел од новата структура во Силверстон.

Ова доаѓа како логичен потег за Астон Мартин. Адријан Њуи, кој ќе го преземе кормилото како тимски шеф во 2026 година, јасно стави до знаење дека неговиот примарен фокус останува дизајнирањето на најбрзиот болид.

„Тоа е она што ме буди наутро. Решен сум да не го разредувам тој фокус, изјави Њуи.

Ангажирањето на Ламбијасе, со кого Њуи имаше беспрекорна соработка во Ред Бул, би било совршено решение за оперативното водење на тимот.

Емотивен крај во Абу Даби?

Шпекулациите за иднината на популарниот „ГП“ (GP) се засилија по емотивната радио комуникација со Верстапен по последната трка во Абу Даби, каде Макс ја загуби титулата за само два бода од Ландо Норис.

„Можеш да бидеш горд другар, држи ја главата горе, му порача Ламбијасе, на што Макс криптично одговори: „Им покажавме кој е газда за последен пат“.

Егзодус на шампионскиот тим

Ако Ламбијасе замине, Верстапен ќе остане речиси целосно изолиран. Листата на луѓе кои го напуштаат тимот е застрашувачка:

  • Хелмут Марко: Долгогодишниот ментор и советник се пензионира по сезоната 2025.
  • Мет Калер: Механичарот број 1 на Макс заминува во Ауди.
  • Том Харт и Мајкл Менинг: Клучни инженери за перформанси и контроли исто така си заминуваат.

Со ваков „егзодус“ на таленти и луѓе од доверба, прашањето не е дали Ред Бул ќе има проблеми, туку дали Макс Верстапен воопшто ќе остане во тимот по 2026 година?


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено