Од чудо со Овиедо до чудо со Србија? Струмичанецот седнува на клупата на “Орлите”!

Објавено:

Откако вчера ја најавивме веста која одекна брзо низ српските медиуми, денес Фудбалскиот сојуз на Србија и официјално ја потврди веста – Вељко Пауновиќ е нов селектор на репрезентацијата на Србија, која ќе се обиде да направи чудо и да избори пласман на Светското првенство во 2026 година.

Иако шансите се мали, Пауновиќ прифатил да ја преземе селекцијата во клучен момент и ќе ја води во пресудните натпревари против Англија (13 ноември во Лондон) и Летонија (16 ноември во Лесковац).

Генералниот секретар на Фудбалскиот сојуз на Србија, Бранко Радујко, изјави дека Пауновиќ ја прифатил понудата со целосна посветеност и ентузијазам:

“Вељко од првиот ден покажа дека интересот на репрезентацијата му е над сè. Не го интересираа финансиските услови, туку само желбата да помогне и да се стави на располагање веднаш. Веруваме дека со својата енергија и пристап ќе ја подигне атмосферата во тимот и ќе мотивира нова борба до последен момент”.

Пауновиќ, кој е роден во Струмица, Македонија, има богато интернационално искуство. Во својата тренерска кариера беше на чело на американскиот Чикаго Фајр, англискиот Ридинг, како и шпанскиот клуб Овиедо, каде беше славен како човек кој ги одведе назад во Ла Лига после многу години чекање, со што направи вистинско чудо. Најголемиот успех го постигна во 2015 година, кога како селектор на Србија до 20 години ја освои титулата светски шампион.

Со ова именување, Србија добива стратег со модерна визија и големо искуство со младите генерации, нешто што токму сега ѝ е најпотребно.

Дали токму Пауновиќ ќе ја врати енергијата и вербата во српскиот национален тим? Одговорите ќе ги добиеме многу брзо.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено