Пет децении чекање завршија во Бахраин. Ферари повторно е светски шампион во издржливост, освојувајќи ги и двете титули во „FIA World Endurance Championship“ и кај производителите, и кај возачите. Тоа е првиот врв во највисоката класа на „ендуранс“ тркањето од 1972 година, а 53 години подоцна, Маранело повторно владее.
Во финалната трка на сезоната, „8 часа на Бахраин“, италијанскиот гигант го заокружи совршеното враќање во големиот спорт со три болиди во топ 5. Четврттото место на болидот #51, управуван од Антонио Џовинаци, Џејмс Каладо и Алесандро Пјер Гвиди, беше доволно за тројцата да станат нови светски шампиони, додека тимот ја запечати титулата кај производителите, далеку пред најблискиот ривал Тојота.
Патување што почна со сон
„Оваа титула е исполнување на сонот“, изјави претседателот на Ферари, Џон Елкан. „Тоа е крај на патувањето кое го започнавме во 2022 година, кога одлучивме да се вратиме во највисоката класа. За три години имавме три победи на Ле Ман, две светски титули и тим што никогаш не престана да верува“.
Возачите на Ферари го одработија викендот без ризик, но со прецизност достојна на нивниот грб. Треттото место на болидот #50 (Антонио Фуоко, Мигел Молина и Николас Нилсен) беше доволно за тимска двојна радост – шампионски троен подиум во генералниот пласман.
The scenes in Bahrain as Ferrari celebrate their MAIDEN WORLD TITLE!! 🏆🇮🇹#WEC #8HBahrain #Ferrari @FerrariHypercar pic.twitter.com/zD5Yo0JJz7
— FIA World Endurance Championship (@FIAWEC) November 8, 2025
Повторно дел од легендата
За Џовинаци, некогашниот возач на Саубер во Формула 1, ова е најголемиот момент во кариерата. Каладо, четирикратниот светски шампион, не ја криеше емоцијата:
„Пред да ја поминеме целната линија, бев на работ на солзи. Ова е резултат на огромен труд од целиот тим – од Себринг 2023 до денес. Неверојатно е што сите три наши болиди се меѓу најдобрите. Никогаш не се откажавме“.
Историја со потпис на 499P
Ферари 499P прототипот со кој започна оваа модерна приказна во само три години стана наследник на легендарните 312 P и 330 P4. Со три победи оваа сезона (Катар, Имола, Спа), повеќе подиуми и рекордна конзистентност, тимот „AF Corse“ покажа зошто е синоним за совршенство во „ендуранс“ светот.
Од сенка во слава
Иронијата на сезоната не можеше да биде поголема: додека Формула 1 тимот на Ферари поминува уште една година без победа, токму во Бахраин, каде што Ф1 ја започнува секоја сезона, Ферари повторно стана шампион на светот.
Колегите од Формула 1, Шарл Леклер и Луис Хамилтон им ја честитаа титулата со видео на социјалните мрежи пред вчерашната трка за Големата награда на Бразил.
„Огромни честитки за Ферари Хајперкар тимот за освојувањето на светските титули. Тоа е значајно достигнување, вие ги направивте сите во Ферари семејството горди. Браво рагаци!“.
A huge congratulations to the @FerrariHypercar team! An amazing achievement to win both the Constructors and Drivers titles in Bahrain! Forza Ferrari!! 🍾 pic.twitter.com/Tv0GSbuzDR
— Scuderia Ferrari HP (@ScuderiaFerrari) November 8, 2025
Поглед кон иднината
Со 245 поени во конструкторскиот пласман и комплетна доминација во возачкиот врв (прво место за #51, второ за #83, трето за #50), „Црвениот коњ од Маранело“ не само што ја врати честа на брендот, туку ја најави и новата ера на италијанска прецизност, емоција и сила.
По 53 години, Ферари повторно е крал на издржливоста.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



