Поранешниот македонски репрезентативец и некогашен играч на Вардар и Работнички, Остоја Стјепановиќ, гради импресивна кариера надвор од фудбалските терени. По пензионирањето во 2020 година, 41-годишниот Стјепановиќ успешно заплови во менаџерските води преку агенцијата „Football Family Management“, а сега е на прагот да реализира еден од најзвучните трансфери на Балканот.
Во центарот на вниманието е неговиот клиент, 19-годишното српско чудо од дете и член на Партизан, Огњен Угрешиќ. Според ексклузивните информации објавени на Fussballeuropa.com, гигантите Њукасл Јунајтед и Олимпик Марсеј веќе се во конкретни преговори со Стјепановиќ и опкружувањето на играчот за голем летен трансфер.
Партизан за услугите на својот талент, кој игра во средниот ред и според стилот на игра е споредуван со Џуд Белингем, бара астрономски 15 милиони евра. Ова е огромен скок во вредноста, со оглед на тоа што пред само две години неговата цена изнесуваше скромни 500.000 евра. Ова лето се очекува вистинска војна за неговиот потпис, а токму македонскиот агент го има главниот збор на преговарачката маса.
За потсетување, Остоја Стјепановиќ зад себе остави богата играчка кариера со 118 настапи во Првата македонска лига, играше за полска Висла Краков, австриски Матерсбург и кипарски АЕЛ Лимасол, а дресот на македонската репрезентација го носеше на 18 натпревари. Сега, како успешен агент, тој е пред договор кој дефинитивно ќе го лансира меѓу најелитните фудбалски менаџери во Европа.



