Ухх, каков натпревар… уух какво вонтелесно доживување беше ова… Сеуште ги сумираме впечатоците, сеуште не можеме целосно да се помириме со поразот. Но, каков ли само натпревар беше ова! Каков Вардар, каква атмосфера во „Јане Сандански“, какво епско враќање на македонската гордост на најголемата европска сцена. На Вардар му фалеше учеството во елитата, но по оваа магична ноќ, не само што веруваме, туку сме апсолутно убедени, на Лигата на шампионите многу повеќе ѝ недостасуваше Вардар.
Во натпревар кој ги кинеше нервите до последната секунда, „црвено-црните“ претрпеа минимален, несреќен пораз од вицешампионот на Франција, Нант, со резултат 32:33. Но, резултатот на семафорот е само еден мал дел од приказната.
Пеколот се врати, Европа повторно се тресе
По четири години пауза, Скопје повторно дишеше за ракометот. Трибините беа исполнети до последното место, а јужната трибина пееше цели 60 минути без воопшто да седне. Противникот беше свесен во каков пекол влегува, но едно е да гледаш на видео, а сосема друго да го почувствуваш тоа на своја кожа.
Матеј Габер, ракометарот на гостите, најубаво го опиша тоа чувство: „Кога целата сала ќе викне, подот се тресе. Навистина е тешко. Публиката многу ги крева. На крајот имавме и малку среќа.“
Шпанскиот репрезентативец Ијан Тарафета остана во неверување од она што го доживеа при своето прво гостување во Скопје, нарекувајќи го мечот луд и исполнет со многу емоции, додека тренерот на гостите, Грегори Кожан, џентлменски призна: „Најпрво, честитки до Скопје… Одигравме силен натпревар, а атмосферата беше луда.“
Ролеркостер од емоции и драма до последната секунда
Самиот натпревар беше вистинска спортска војна. Вардар тргна фуриозно, поведувајќи со 3:0, но Французите набрзо се разбудија и ја презедоа контролата, поведувајќи со 12:15. На полувреме се замина со минимална предност за гостите од 15:16.
Второто полувреме донесе игра „гол за гол“. Без класичен пикер поради повредата на Милан Лазаревски, тренерот Иван Чупиќ играше храбро со четири бека. Овој потег го отвори просторот за Мохаб Абделхак, кој одигра натпревар на кариерата постигнувајќи неверојатни 10 гола. Засилувањето покажа зошто го носи светиот дрес. Кога во 52. минута Вардар поведе со 29:27, салата буквално еруптираше.
Но, искуството на Французите и индивидуалната брилијантност на Ноам Леополд (кој заврши со дури 13 гола) пресудија. Во последната минута, при резултат 32:32, Леополд реализираше нов седмерец. Во последните секунди, топката дојде до Јака Малус кој се избори за зицер, но не успеа да го реализира.
Солзи, неправди и скандирање за херојот
Крајот донесе солзи, фрустрација и чувство на неправда. Навивачите со право реагираа на судискиот критериум на унгарската двојка, посочувајќи го апсурдниот сооднос на досудени седмерци (8 за Нант, само 1 за Вардар), како и поништените голови за домаќините. Голманите Васил Гогов и Милош Валах имаа свои блесоци, но на крајот недостасуваше таа една клучна одбрана повеќе. Гогов искрено призна: „Фрустрирани сме, бевме многу блиску, а сепак сè уште сме далеку од бодовите.“
Сепак, она што се случи по последниот свиреж е суштината на Вардар. Наместо свирежи за промашениот зицер, цела сала застана на нозе и го скандираше името на Јака Малус! Тој е моторот на оваа екипа, човек кој остави срце на терен и кој постигна 6 гола. Оваа поддршка ќе го направи само посилен.
Тренерот Чупиќ ја сумираше вечерта со зборовите: „Сакам да им се заблагодарам на нашите навивачи и на полната сала. Беше навистина неверојатно повторно да се доживее ваква атмосфера… Енергијата од трибините беше луда во текот на целиот натпревар.“
Официјалната страна на навивачите испрати јасна порака: „Тоа е, нијанси фалеа да се биде или не. Изгинаа момците без измени одбрана напад, БРАВО! Вака се игра и сака Вардар! Ќе не биде, пред овој тим ќе паднат многу гиганти!“
Главата горе момци, спортот е суров, но Скопје повторно живее за ракомет!



