Вардар го пречекува Нант: Чупиќ и Малус најавуваат борба за првите бодови во ЛШ

 

Објавено:

Македонскиот ракометен шампион РК Вардар в среда (16 септември, 18:45 часот) во СЦ „Јане Сандански“ го пречекува францускиот Нант во рамките на второто коло од Лигата на шампионите. По солидното издание и тесниот пораз на стартот против Мелсунген, „црвено-црните“ пред својата публика ќе се обидат да ја забележат првата европска победа оваа сезона.

Пред натпреварот, тренерот Иван Чупиќ и ракометарот Јака Малус ги споделија своите очекувања, нагласувајќи ја важноста на домашниот терен и поддршката од трибините.

Малус: „Јане Сандански“ е нашата тврдина, мотивацијата е на максимум

Словенечкиот интернационалец Јака Малус истакна дека тимот е максимално подготвен и очекува продолжување на успешната домашна серија.

„На домашен терен немаме пораз повеќе од една година и сакаме да продолжиме во ист ритам. Во натпреварот влегуваме оптимистички, добро сме подготвени тактички, психички и физички. Најголема мотивација е да настапуваш во најелитното натпреварување. Имав можност да играм во ‘Јане Сандански’ кога Вардар беше во своите најдобри години, а сега можноста да настапувам тука во дресот на Вардар е уште поголем мотив“, изјави Малус.

Здравствен билтен: Вардар без Лазаревски и Бомаштар, Педро неизвесен

Тренерот Иван Чупиќ покажа голема почит кон квалитетот на францускиот вицепрвак, но јасно стави до знаење дека целта на Вардар е победа која би значела силен ветер во грб за понатамошниот тек од сезоната. Сепак, стручниот штаб се соочува со одредени проблеми околу играчкиот кадар.

„За Нант можам да кажам само убави зборови, но имаме свои желби и надежи да дојдеме до двата бода. Сакаме да ја почувствуваме вистинската поврзаност со нашата сала. Што се однесува до составот, Милан Лазаревски сигурно нема да биде со нас поради проблем со рамото, а нема да настапи ниту Милан Бомаштар кој почувствува болка во грбот. Жоао Педро е во завршната фаза од закрепнувањето, но одлуката ќе ја донесеме по последниот тренинг. Ако ситуацијата е 50-50, сигурно нема да ризикуваме“, објасни Чупиќ.

Карактерот на тимот влева самодоверба

И покрај притисокот кој природно доаѓа со носењето на дресот на Вардар, Чупиќ е задоволен од односот на своите играчи на тренинзите и верува во нивниот карактер.

„Кога секој ден си во сала и гледаш како се борат, колку се мотивирани и колку едвај ги чекаат натпреварите, тие ми даваат самодоверба. Ми даваат верба дека имаме добар и карактерен тим. Нормално е кога си тренер или играч на Вардар на секој натпревар да мораш да победиш, тоа доаѓа со работата“, заклучи предводникот на „црвено-црните“.

Натпреварот меѓу РК Вардар и Нант ќе биде вистински тест за амбициите на скопскиот тим во елитното европско натпреварување.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено