Искусниот македонски репрезентативец, Александар Трајковски (33), официјално е нов фудбалер на хрватскиот прволигаш Локомотива Загреб. Трајковски се приклучува на „Локосите“ како слободен играч, со цел да ја засили офанзивата на тимот од „Крањчевиќева“.
Ние претходно во рамките на нашиот „ДОСИЕ“ серијал јавно му порачавме на македонскиот репрезентативец дека е потребно да најде редовен клуб, па особено нè радува оваа вест.
Враќање во Загреб по Хајдук
Трајковски пристигнува во Локомотива по две сезони поминати во сплитски Хајдук, каде што забележа 32 настапи во хрватскиот шампионат и постигна 10 погодоци. Интересно е што тој посебно се истакна токму против својот нов клуб, Локомотива, во последното коло од сезоната 2023/24, кога постигна хет-трик.
Иако од летово беше без клупски ангажман, Трајковски остана клучна фигура во репрезентацијата на Македонија, за која во меѓувреме забележа пет настапи и постигна два гола. Вкупно, за нашата селекција има настапено 98 пати и постигнато 24 погодоци, со што е еден од најдобрите стрелци во историјата.
Трет хрватски клуб и богато меѓународно искуство
Локомотива ќе биде третиот хрватски клуб во кариерата на Трајковски – тој го носеше дресот на Интер од Запрешиќ уште во сезоната 2010/11, пред да го направи својот голем трансфер во странство.
Најголемата трага во кариерата остави во Италија, каде четири години играше за Палермо, додека во Шпанија настапуваше за Мајорка. Од Локомотива му посакаа добредојде на Александар и многу успеси во синиот дрес.



