Оракл Ред Бул Рејсинг ја објави својата возачка постава за новата ера на Формула 1 во 2026 година, потврдувајќи дека младиот и импресивен Исак Хаџар ќе му биде партнер на четирикратниот светски шампион Макс Верстапен.
Оваа одлука го означува почетокот на големиот предизвик за тимот, кој ќе се соочи со најголемите технички промени во Ф1 во последните децении и дебито на моторите „Ред Бул Форд Повертреинс“.
Исак Хаџар: Новата надеж на „Ред Бул“
Исак Хаџар, кој во септември наполни 21 година, остави силен впечаток во својата дебитантска сезона во Формула 1 со тимот Виза Кеш Ап Рејсинг Булс. Врв на неговата сезона беше пласманот на подиумот на Големата награда на Холандија.
„Пресреќен сум што Оракл Ред Бул Рејсинг ми дава можност и доверба да се тркам на највисоко ниво во Формула 1. Се чувствувам подготвен да одам во Ред Бул и среќен сум и горд што и тие се чувствуваат исто“, изјави Хаџар. „Тоа е неверојатен потег, да работам со најдобрите и да учам од Макс е нешто што едвај го чекам“.
Лоран Мекис, извршен директор на Ред Бул, го пофали младиот Французин: „Исак покажа голема зрелост и се покажа како брз ученик. Што е најважно, тој ја покажа суровата брзина што е барање број еден во овој спорт. Веруваме дека Исак може да напредува покрај Макс и да ја произведе магијата на патеката!“.

Збогум за Цунода
Доаѓањето на Хаџар значи дека тимот мора да се збогува со Јуки Цунода. Јапонецот, кој беше дел од семејството на Ред Бул од 2019 година, се тркаше во над сто трки и стана десеттиот дипломец на младинската програма кој стигнал до сениорскиот тим, почнувајќи од Големата награда на Јапонија оваа година.
Цунода нема да го напушти тимот целосно. Тој ќе остане во семејството на Ред Бул, преземајќи ја улогата на тест и резервен возач за 2026 година.
„Јуки се трка во боите на Ред Бул веќе седум години… Тој созреа во комплетен тркач, добар на еден круг во сабота и способен за исклучителни стартови и одлична тркачка вештина во недела. Неговата личност е заразна и тој стана многу посебен дел од семејството Ред Бул“, додаде Мекиес.
Со мешавина од младост и искуство, Ред Бул се подготвува да ги нападне огромните промени во правилата на Ф1 со комбинацијата Верстапен-Хаџар во кокпитот на болидот РБ22.



