Се мислевме дали воопшто да се вклучиме повторно во оваа наметната игра. Се мислевме дали да му дадеме уште еден грам медиумски простор на човекот чија единствена животна храна е да биде во центарот на вниманието, макар тоа значело и газење преку угледот на најголемата македонска спортска светиња.
Но, одлучивме да се обратиме. Овој текст не е за него. Овој текст е дигитална трага (digital footprint). Ова е сведоштво за кога ќе дојдат некои други времиња, да имаме на што да се повикаме и да не заборавиме низ каков циркус помина ФК Вардар во моментите кога требаше најмногу да слави.
Нов циркус на социјалните мрежи и газење по легендите
Најновата епизода од оваа трагикомедија ни ја сервираше лично извршниот директор на ФК Вардар. Преку својот Фејсбук профил, тој објави статус во кој направи директна и крајно навредлива споредба помеѓу Гоце Седлоски (нарекувајќи го „Бог“) и тројцата претходни тренери на клубот кои лично тој ги ангажираше, Горазд Михајлов, Горан Петрески (Чунга) и Срѓан Захариевски, нарекувајќи ги „шеширџии“.
Овој потег е школски пример за тоа како континуирано се штети на името на Вардар. Да ги понижиш луѓето кои дојдоа да помогнат кога клубот беше во најтешка состојба е пораз на секој спортски и човечки кодекс. За оние кои можеби подзаборавиле, еве кои се луѓето кои директорот се обиде да ги деградира:
Горазд Михајлов: Човекот кој го презеде Вардар кога бродот тонеше и кој со макотрпна работа, преку баражот во Струмица против Детонит, го остави клубот во Првата лига. Тренер со огромно искуство кој секогаш покажувал максимален респект кон црвено-црниот дрес.
Горан Петрески – Чунга: Вистинска икона на клубот. Дете на Вардар, дел од златните генерации во 90-тите. Човек кој секогаш бил тука како војник на клубот, и како играч и како тренер, особено во моментите кога клубот немаше ниту скршен денар.
Срѓан Захариевски: Поранешен репрезентативец на Македонија кој во својата богата кариера настапуваше за Вардар, германски Штутгарт и португалски Кампомаиоренсе. Како тренер, во последните 14 години бележи сериозни успеси градејќи стабилни екипи.
Токму Захариевски единствен одлучи да не премолчи. Неговиот одговор на социјалните мрежи беше прецизен, достоинствен и хируршки точен:
„Почестен сум од денешната споредба, особено кога доаѓа од човек од сточарството за кој фудбалската топка сѐ уште е рамна. Мојата фудбалска биографија е беспрекорно чиста… Јас верувам во еден Господ, а ти и твоите повеќе богови не се плашите од правда… ама на крајот на денот кармата стига кај секого. Вардар е на ниво на држава и е над сите нас и ова ќе го надживее.“
Останатите двајца (Михајлов и Петрески) избраа молк. И можеби така е најдобро. Можеби и ние медиумите треба да престанеме да обрнуваме внимание на овие провокации. Искрено се надеваме дека новиот предводник, темпераментниот Аргентинец Кристијан Фабиани, кој неодамна изјави „Болен сум по тактика, Вардар ќе напаѓа“, нема да ја дочека истата судбина на исмејување по социјалните мрежи….
Тивката болка на вистинскиот херој: Мики Комита
Додека директорот се расфрла со статуси, човекот кој е еден од најзаслужните што Вардар воопшто постои денес, стои настрана. Милорад Миленковски – Мики Комита.
Ова е човекот кој го посвети својот живот на Вардар. Човекот кој заедно со илјадници други вистински навивачи го крена клубот од пепелта во Втората лига кога сите кренаа раце од него. Дојде денот Вардар да биде шампион, а Мики не може да се израдува. Неговата објава на Фејсбук ја крши душата на секој искрен љубител на фудбалот:
„Титулата е на играчите, на тренерот, на управата, на навивачите… Можам да помислам барем за момент дека оваа титула е моја, но нема видлив момент на кој ќе можам да се повикам… Кога некогаш би го подигнал овој шампионски пехар, веројатно ќе се рефлектира празнината, темнината, болките, страдањата, илјадници тивки битки водени во тишината. Невидливата борба е непризнаена… Титулата не е моја, немам никаква лична емоција кон истата, само како Вардарец, титулата е на Вардар, и тоа ми е доволно. Се одјавувам, до некои (по)убави времиња.“
Како дојдовме до тука? Отровната прегратка на политиката
За да ја разбереме болката на Мики и навивачите, мора да се вратиме малку наназад, на онаа историска прес-конференција во ноември 2024 година. Тогаш, Милорад Миленковски, како претставник на здружението „35 години ФК Вардар“, сам пред новинарите ја откри суровата вистина за политичката уцена.
Според неговото сведоштво, навивачите биле принудени да ги предадат акциите. Ултиматумот од политиката бил јасен и суров:
„Ситуацијата ни беше претставена на маса, или [актуелниот извршен директор] ќе биде во ФК Вардар, или Вардар нема да постои.“ За да го спасат клубот од згаснување, навивачите со тешко срце прифатија, задржувајќи само 15% за да можат одвнатре да сведочат на процесите. Уште тогаш Комитите јасно кажаа дека профилот на личност која го поларизира општеството не смее да биде на чело на клуб кој треба да обединува. Денешните настани само потврдуваат колку биле во право.
Вардар ќе го надживее сето ова
Како што веќе пишувавме во нашите претходни колумни („Отровната прегратка на политиката…“ и „Лицемерието на медиумите…“), инстантниот успех донесен преку политички инженеринг секогаш остава радиоактивен пустош зад себе. Личната потреба за внимание на еден човек го фрли во сенка успехот на фудбалерите.
Но, како што рече Захариевски, Вардар е над сите нас и ова ќе го надживее. Титулата ќе остане во витрините. Имињата на играчите ќе останат во аналите. А оваа колумна нека остане како сведоштво дека во најголемите моменти на слава, вистинските херои на Вардар плачеа во тишина, чекајќи некои подобри времиња.



