ОСВРТ: Лицемерието на медиумите и циркусот наречен македонски фудбал

 

Објавено:

Сведоци сме на уште една епизода од трагикомедијата која се одвива во македонскиот фудбал. Наместо фокусот да биде на враќањето на најтрофејниот клуб на шампионските патеки по шест години пост, како и на претстојните европски предизвици во јуни и јули, ние повторно зборуваме за скандали. Овој пат, главна тема е прославата на фудбалерите на Вардар и „шокот“ на јавноста од навивачките песни кои се пееја во кафаната. Но, да одиме по ред и да ја погледнеме пошироката слика.

Кога потребата за внимание ќе го засени успехот

Миленко Неделковски не е од вчера. Тој е човек добро познат на нашата јавност, без разлика дали преку неговата новинарска кариера, политичкиот активизам, контроверзиите околу ФК Скопје, или сега, преку неговата улога во ФК Вардар. Тоа што е очигледно е неговата константна потреба да биде во центарот на вниманието. И за жал, добива точно она што го бара. Ваквите аматерски реакции од медиумите, Министерството за спорт, па дури и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), се храната што го одржува.

Целата ситуација околу прославата беше сервирана токму од неговиот личен Инстаграм и Фејсбук профил. Не од официјалните канали на Вардар, не од фудбалерите, не од стручниот штаб. Наместо играчите да бидат оставени на раат да си ја прослават својата (не?)заслужена титула, нивната радост стана материјал за нов циркус во нашата жална прва лига, која според УЕФА коефициентот (46-то место) се наоѓа зад лиги без ниту еден професионален клуб. Пурата не го допира тоа што го пишувате, Пурата се храни од тоа! И додека сите се занимаваат со неговите видеа, македонскиот фудбал тоне сè подлабоко. Не мора сè да биде на интернет. Работите кои се случуваат во соблекувалните, во автобусите и за време на славја, најчесто треба да останат токму таму.

Лицемерието на медиумите: Што е всушност навивачка песна?

Овде доаѓаме до вториот дел од проблемот, лицемерието! Медиумите се натпреваруваат кој погласно ќе ги осуди фудбалерите за пеењето на навивачка песна (која, рака на срце, е вулгарна, но сепак е само навивачка песна). Повеќето од тие медиумски работници и „професионалци“ биле на безброј натпревари. Знаат многу добро дека кога емоциите ќе го достигнат својот врв, се пеат песни кои се дел од една специфична навивачка суп-култура. Се пеат насекаде низ светот.

Дали навистина мислите дека фудбалерите на Реал Мадрид или Барселона по освоена титула си рецитираат поезија? Потсетете се само на Самуел Ето и неговото прославување на титулата со Барса пеејќи „Madrid, cabrón, saluda al campeón“ (Мадрид, коп*лиња, поздравете го шампионот). Дали се сеќавате како играчите на Бока Јуниорс ги слават победите против Ривер Плата, или какви песни ечат во соблекувалните на Ливерпул по победа над Манчестер Јунајтед? Се пеат песни кои се стопати повулгарни и понавредливи од препевот на „Дирлада“.

(Секако, правиме голем исклучок за селекторот Гоце Седлоски од с. Големо Коњари, кој како предводник на сите македонски фудбалери, без разлика од кој град доаѓаат, не смее да си дозволи да биде фатен во такво издание.)

Како вистинските великани ги решаваат проблемите

Проблемот е што кај нас се тепаме за „лајк“ плус, веднаш постирајќи сè на социјалните мрежи, без да размислиме за последиците. Кога се слави титула, тоа останува таму! Кога има тепачки во соблекувалните или под-трибинските простори, тоа се решава внатре!

Да се потсетиме на еден пример од еден од најголемите менаџери во историјата, Сер Алекс Фергусон. Во 1993 година, по еден исклучително тензичен натпревар против Галатасарај во Истанбул, играчите на Јунајтед, предводени од Ерик Кантона, влегле во физичка пресметка со турската полиција во тунелот. Наместо да прави скандали пред медиумите, Фергусон, според зборовите на Стив Брус, буквално се вклучил во тепачката за да ги одбрани своите играчи. Кога влегле во соблекувалната, ги прашал: „Никој од моите момци не се тепаше, нели?“ Добил одговор: „Не, воопшто“. Потоа, Фергусон си ја поправил косата и краватата, излегол пред ТВ камерите и на прашањето за инцидентот одговорил ладнокрвно: „Не видов ништо такво“. Тоа е начин на кој се штити тимот и се решаваат работите внатрешно.

Кај нас, напротив, секој бара свои пет минути слава преку евтини скандали. И додека ние се занимаваме со тоа кој што пеел во автобус или во кафана, нашиот фудбал останува на 46-то место во Европа. Можеби е време сите малку да подзапреме, да ги оставиме навивачките песни на навивачите и фудбалерите во нивните моменти на прослава, и конечно да се фокусираме на тоа како да го подигнеме квалитетот на спортот што сите го сакаме.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено