Извинете нè, почитувани читатели. Извинете, но денес едноставно не е време за новинарска неутралност. Во моменти кога се гази врз основните постулати на фер-плејот, кога политичката моќ и парите брутално ја силуваат правдата пред очите на целиот свет, да се остане неутрален значи да се биде соучесник во злосторството врз фудбалот.
Ова е вонредна состојба за најважната споредна работа на светот. Ова е моментот кој дефинира што претставува фудбалот како спорт и што претставува Спортска Станица како медиум кој ја чува неговата душа. Затоа, ние отворено, гласно и без трошка двоумење порачуваме: Утрово, почнувајќи од 2 часот по полноќ, сите ние сме Белгија! Целиот свет е Белгија!
Духот на Џеси Овенс и апсурдната иронија на историјата
Целиот фудбалски свет денес го носи духот на Џеси Овенс. Иронијата на историјата е дотолку голема, болна и апсурдна што токму Соединетите Американски Држави, нацијата која со децении се гордееше со Овенс и неговиот пркос против нацистичката пропаганда и неправда во Берлин во 1936 година денес се претвори во светски фудбалски и спортски непријател Број 1.

Некогашните симболи на слободата и еднаквоста, денес станаа симбол на угнетувањето на спортските правила. Со еден единствен телефонски повик од Доналд Трамп до Џани Инфантино, ФИФА без срам ги згази сопствените закони и го поништи чистиот црвен картон на Фоларин Балогун пред осминафиналето против Белгија. Правилата кои со децении важат за сите обични смртници, преку ноќ престанаа да важат за домаќинот.
Инфантино може да пишува бледи соопштенија за „независни и автономни комисии“, но вистината е јасна како ден, фудбалот стана заложник на политиката. Кога претседател на држава диктира кој смее, а кој не смее да игра, тоа повеќе не е спорт. Тоа е евтин циркус. Како што со право реагираше УЕФА: „Премината е црвената линија, интегритетот на играта е целосно поткопан.“ Белгиската федерација остана без одговор, оставена сама на себе да се бори против ветерници. Но, тие не се сами. Милиони навивачи ширум светот вечерва стојат зад „Црвените ѓаволи“.
Фудбалските богови не спијат: Прашајте ја Португалија!
Многумина низ историјата се обиделе да одат против фудбалските богови и против правдата. Многумина се обиделе да го измамат спортот кој ни дава смисла во животот. Но, секогаш, апсолутно секогаш, на крајот ја плаќаат цената. Ако Американците и ФИФА не веруваат, нека ја прашаат Португалија!
Сите бевме сведоци на бруталниот грабеж кој ВАР собата ѝ го приреди на Хрватска. Со измислен „снико-метар“ и свесно, криминално кршење на Правилото 11 за офсајд, судиите ја елиминираа гордата Хрватска, подарувајќи ѝ незаслужен пласман на Португалија. Ни ВАР, ни срам, ни перде!
Но, неправдата што им се случи на Хрватите, вчеравечер им се врати како најтежок бумеранг на Португалците. Фудбалската правда е можеби бавна, но е болно достижна. Шпанија и Микел Мерино во 91. минута го срушија португалскиот брод во Далас, испраќајќи го Кристијано Роналдо во репрезентативна пензија со солзи во очите. Кармата си ја заврши работата, фудбалот не простува измами!
Битка за душата на спортот
Сега, сите заедно, обединети од секој агол на планетата, посакуваме истата таа карма утрово во 2 часот да се појави на зелениот терен и брутално да ја казни американско-швајцарската фудбалска мафија.
Посакуваме фудбалско декласирање на САД од страна на Белгија! Сакаме белгиските фудбалери да излезат на теренот и да покажат дека 11 храбри момци можат да победат 12 играчи, можат да ја победат корумпираната ВАР соба, можат да го победат Инфантино и сите политички притисоци од Белата Куќа.
Ова повеќе не е само натпревар за четвртфинале. Ова е битка за душата на спортот. Ова е борба за секое дете кое утре ќе излезе на улица да шутира топка, верувајќи дека правилата се исти за сите, без разлика дали си од Брисел, Скопје или Вашингтон.
Нека фудбалот и спортот победат утрово, и никогаш вакво нешто да не се повтори во историјата. Одиме, Белгија! 🇧🇪



