ОСВРТ: Како една обложувалница ја сруши цела италијанска федерација за само 16 дена!

 

Објавено:

Ново фијаско штом политиката и обложувалниците ќе ги вмешаат своите прсти во спортот. Италија и нејзиното шокантно неучество на дури три последователни Светски првенства е кристално јасен доказ дека кога личните, политичките и бизнис интересите ќе го киднапираат фудбалот, исходот е катастрофален. Денес, италијанскиот фудбал го допира самото дно, а најтажно од сè е што нашиот домашен спорт, за жал, зема пример токму од ваквите деструктивни сценарија.

Најновата бура на Апенинскиот полуостров е доказ за целосниот хаос во кој е западнат нивниот систем. Легендарниот Паоло Малдини и Бразилецот Леонардо поднесоа оставки од своите функции во Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ), само 16 дена откако беа помпезно назначени да го спасуваат националниот тим.

Комар, политика и вето за Пирло

Причината за овој шокантен потег е отворената војна со претседателот на федерацијата, Џовани Малаго, кој стави директно вето на нивниот главен кандидат за селекторската позиција, Андреа Пирло. Планот на Малдини беше токму Пирло да го наследи Џенаро Гатузо откако Пеп Гвардиола ја одби понудата, но политиката и коцкарската индустрија го уништија тој план.

Именувањето на Пирло наиде на жестока опозиција поради неговите комерцијални врски со руската обложувалница Фонбет. Пирло, кој беше мета на јавен линч, преку својот Инстаграм профил изрази огромна горчина од тоа како е третиран.

„Ја следев дебатата со голема горчина… Мојот професионален ангажман потекнува од мојата работа во ОАЕ и е исклучиво од комерцијална и спортска природа. Да му се припишува политичко значење на ова е припишување на верувања кои никогаш не сум ги изразил. Им благодарам на Малдини и Леонардо за довербата“, напиша потиштениот Пирло, додавајќи дека љубовта кон Италија останува дел од неговиот идентитет.

Враќање кон вистинските вредности

Ова двојно заминување ја остава Италија без јасна стратегија и во најголемата криза во последните 40 години. Како алтернативи сега се споменуваат Роберто Манчини, Тијаго Мота и Антонио Конте, но штетата врз угледот на федерацијата е веќе направена.

Ова е класичен пример за она што ние во Спортска Станица постојано го потенцираме, обложувалниците и политиката го уништуваат изворниот спорт. Кога една фудбалска велесила како Италија се распаѓа под притисокот на овие токсични елементи, прашање е на време кога копирањето на овој модел целосно ќе го закопа и нашиот македонски спорт. Бегајте од политиката и обложувалниците, без нив не само што се може, туку и се МОРА!

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено