Земи го комшијата и правец на стадион, Вардар игра во ЛШ, сите на Градски!

 

Објавено:

Завршувате со работното време во 15 часот, во 16 часот, или во 17 часот? Планиравте да се видите со комшијата, роднината, пријателот или другарот попладнево? Одлично! Не ги откажувајте плановите, туку фатете ги под рака и сите заедно – правец на стадион!

Идеалното попладне денес гласи: 19:00 часот, Градски Стадион Скопје – Градски Парк!

Македонскиот шампион ФК Вардар вечерва го пречекува финскиот првак КуПС во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите. Противникот е во полн натпреварувачки ритам, доаѓа како апсолутен владетел од северот, и токму затоа нашата поддршка од трибините е поважна од било кога.

Цената е симболична, а Комити секогаш имаат срце

Немате изговор. Цената на билетот е дозволиво ниска и изнесува само 200 денари. Билетите може да ги набавите онлајн преку мрежата на MKTickets, како и на самите билетарници пред стадионот кои ќе работат до почетокот на дуелот.

Ако навистина сте во тешка финансиска ситуација и немате средства за билет, појдете пред стадион. Верните Комити Запад секогаш имаат слух и големо срце – тие ќе ви обезбедат билет. Сè што треба да направите е да се појавите кај подтрибинскиот простор пред западната трибина пред натпреварот. Собирот е закажан за 18:00 часот.

Вардар не е политичка партија, Вардар е наш!

Не ви се допаѓа директорот Миленко? Гајле ви е, реално – никому не му се допаѓа! Не е Миленко Вардар, ниту пак Вардар е политичка партија.

Вардар е наш, Вардар е твој, мој, сечиј… Вардар сме ние!

Нека се кити директорот со лажни перја и нека се фали со скапи подготовки по италијански одморалишта, но ние длабоко во себе знаеме што е вистината. Знаеме дека Вардар е, Вардар бил и Вардар ќе Е. Затоа, да го наполниме Градски што е можно повеќе. Момците на теренот играат за светите црвено-црни бои, а не за управите.

Сите на стадион! За боите свети, за името свето!

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено