Бруно Фернандеш е новиот апсолутен крал на креативноста во англискиот фудбал. На денешниот последен натпревар од премиерлигашката сезона на гости кај Брајтон, капитенот на Манчестер Јунајтед ја забележа својата нестварна 21-ва асистенција, со што го сруши досегашниот историски рекорд на Тијери Анри и Кевин Де Брујне.
Магичниот корнер во 33-та минута за фудбалска бесмртност
Големиот историски момент се случи во 33-та минута од натпреварот. Португалецот перфектно изведе еден корнер, пронаоѓајќи го Патрик Доргу кој ја затресе мрежата на домаќините за водство на Јунајтед и делириум на гостинските трибини.
Со овој потег, Бруно стигна до бројката од 21 асистенција во рамките на една сезона и се осамостои на самиот врв на вечната листа во Премиер лигата. Зад него останаа Анри (сезона 2002/03) и Де Брујне (сезона 2019/20) кои претходно го држеа рекордот со 20 успешни додавања. Ова историско остварување пристигнува само еден ден откако Бруно и официјално беше прогласен за најдобар играч на сезоната во Премиер лигата.
Нестварен факт: Чекаше до средината на октомври за првата асистенција!
Она што го прави овој рекорд уште поимпресивен и речиси невозможен е фактот што Бруно Фернандеш се мачеше на почетокот на шампионатот. Неговата прва асистенција во сезоната пристигна дури на 19 октомври минатата година, кога му намести гол на Хари Мегваер во големото дерби и победата против Ливерпул.
Да му кажеше некој тогаш на португалскиот плејмејкер дека за само седум месеци ќе го сруши рекордот на Премиер лигата, веројатно и самиот немаше да поверува.
Рамо до рамо со Џерард и легендите на Јунајтед
Покрај главниот рекорд, со овој центаршут од корнер Бруно израмни уште едно големо достигнување. Тој сега има 11 асистенции од прекини (слободни удари и корнери) во една сезона, со што го израмни историскиот рекорд на Стивен Џерард поставен во сезоната 2013/14.
Фернандеш воедно стигна до бројката од 104 асистенции во сите натпреварувања во дресот на Манчестер Јунајтед. На вечната клупска листа пред него се само легендарните три имиња: Рајан Гигс (249), Вејн Руни (127) и Дејвид Бекам (115). Во однос на целата историја на Премиер лигата, Бруно моментално е на 17-то место со 72 асистенции, со крупни чекори грабајќи кон влез во елитното „топ 10“ друштво каде се наоѓа Џејмс Милнер со 90.
Премиер лигата видела многу фудбалски велемајстори, но сезоната 2025/26 дефинитивно ќе остане запаметена како година во која владееше португалскиот виртуоз!



