Шампионката од Вимблдон, Ига Швјонтек, денес беше елиминирана од турнирот во Вухан, откако Јасмин Паолини ја совлада со изненадувачки резултат од 6-1, 6-2 во сетови.
Ова е прв пат за Италијанката да ја победи Швјонтек во нивните седум средби на турнирите, а мечот заврши скоро експресно за само нешто повеќе од еден час, односно 65 минути.
“Конечно победив на меч. Многу сум задоволна од моето ниво. Се чувствувам неверојатно”, изјави Јасмин по победата.
Сега Паолини си обезбеди билет во полуфиналето, каде ќе се сретне со Коко Гауф, која исто така со леснотија денес ја совлада Лаура Зигмунд со 6-3, 6-0 во сетови.
Другото полуфинале ќе им припадне на Арина Сабаленка и Џесика Пегула. Сабаленка ја подобри својата статистика уште повеќе, па сега е на 20-0 победи во Вухан, откако ја совлада Елена Рибакина со 6-3, 6-3 на денешниот четвртфинален меч.
Пегула се пласираше во полуфиналето откако денес ја совлада Катерина Синијакова. Таа го изгуби првиот сет, но успеа да се врати и да триумфира со резултат од 2-6, 6-0, 6-3 во сетови.
Полуфиналните мечеви ќе се играат утре, на 11 октомври.