Фудбалскиот клуб Вардар денеска ја шокираше јавноста со официјално соопштение во кое тврди дека ја прифатил „милионската понуда“ од американскиот МЛС клуб Спортинг Канзас Сити за својот најдобар фудбалер, Роџерс Мато. Според клубот, фудбалерот од Уганда го чека плата од 40.000 долари месечно и дуели против Меси и Суарез.
Звучи идеално, нели? Но, постои еден голем проблем: Мато вчера веќе потпиша за шкотски Хартс.
Конфузија во најава: Кој го има потписот на Мато?
Само 24 часа откако шкотскиот премиерлигаш Хартс официјално го промовираше Мато како свој нов играч (кој ќе се приклучи како слободен агент на 1 јули), Вардар излезе со дијаметрално спротивна информација. Прашањата кои се наметнуваат се повеќе од логични:
- Правна рамка: Како Вардар може да прифати милионска понуда за играч кој веќе има потпишано пред-договор со друг клуб според „Босман правилото“?
- Играчот „недостапен“: Според последните информации, Роџерс Мато воопшто не се појавил на подготовките на Вардар и не одговара на телефонските повици од клупските претставници.
- Дисциплински мерки: Клубот веќе најави казни за неговото неоправдано отсуство, што дополнително ја подгрева тезата дека односите меѓу играчот и раководството се целосно нарушени.
Што вели логиката?
Тешко е да се поверува дека сериозен клуб од МЛС како Канзас Сити би платил „милионско обештетување“ за играч кој за точно пет месеци е слободен и веќе има потпишан договор со европски клуб. Дури и да постои интерес, правната битка меѓу Вардар, Хартс и Канзас Сити би била вистински лавиринт во кој најмногу може да загуби самиот фудбалер.
Од оваа зделка полза би имала и Брера Струмица (поранешен Акад. Пандев), која според договорот полага право на 20% од евентуалната продажба, но тие пари се „недостапни“ додека не се расчисти хаосот со договорите.

Дали е ова ПР-маневар или вистински трансфер?
Многумина се сомневаат дека ова е само обид на раководството на Вардар да го „минира“ преминот во Хартс или да изврши притисок врз Шкотите да платат барем некакво обештетување за да го земат Мато веднаш. Но, со оглед на тоа што играчот е „исчезнат“ од подготовките, се чини дека неговата одлука е веќе донесена.
Наместо Мато да се подготвува за пролетниот дел каде Вардар треба да нападне „двојна круна“, тој сега е во центарот на правна војна меѓу три континенти.
НАШ СТАВ: Вардар е заложник на хаосот и личните интереси
Оваа вест доаѓа само 24 часа откако шкотски Хартс објави дека Мато потпишал пред-договор со нив. Како е можно еден играч истовремено да биде „капарисан“ од Шкотска и продаден во Америка?
Иако поголемиот дел од јавноста помисли (или поточно – беше излажана) дека нештата во Вардар полека се средуваат, целокупнава ситуација со Мато го докажува спротивното. Ова е доказ за аматеризам или, уште полошо, за заднински игри.
За жал, Вардар, неговото реноме и „Комитите“ се повторно на тапет и во битка со лични интереси, политика и матни зделки. Како може клубот да преговара и да прифаќа понуди за играч кој (според Хартс) веќе има договор со друг клуб? Кој ја говори вистината, а кој манипулира со навивачите?
Се надеваме дека еден ден ќе дојде сериозен инвеститор од странство или од малкумината чесни што останаа во државата и да го крене Вардар на нивото на кое што го заслужува, далеку од овој циркус.



