Фудбалот е игра на страст, тактика и талент, но во Холандија деновиве се претвори во вистински бирократски кошмар. Скандалот кој медиумите го нарекоа „Пасош-гејт“ (Passportgate) се заканува да ја фрли целата Ередивизие во невиден хаос, поставувајќи прашање кое звучи како лош виц: Дали е можно поради еден подкаст да се преигруваат 133 натпревари?
Она што започна како остварување на сонот за многу млади фудбалери, брзо се претвори во правна агонија која ги шокираше играчите, клубовите и самата Холандска фудбалска федерација (КНВБ).
Цената на националната гордост
Како што детално пренесуваат The Athletic и ESPN, коренот на проблемот лежи во ригидните холандски закони. Холандија е единствената земја во ЕУ која автоматски го укинува државјанството доколку полнолетно лице доброволно прифати пасош од земја надвор од Унијата.
Во обид да ги засилат своите репрезентации, фудбалските сојузи на Индонезија, Суринам и Зеленортските Острови (поранешни колонии или земји со голема дијаспора), регрутираа играчи родени во Холандија. Фудбалерите, водени од желбата да ги претставуваат земјите на нивните предци, гордо ги прифатија повиците. Но, во тој момент, без воопшто да знаат, тие престанаа да бидат Холанѓани и станаа странци во сопствениот дом.
Со губењето на холандскиот пасош, овие играчи автоматски изгубија право на работа во ЕУ без специјална работна дозвола. За да добие таква дозвола во Холандија, играч над 21 година мора да има годишна плата од најмалку 608.000 евра, сума која е незамислива за повеќето клубови надвор од големата тројка (Ајакс, ПСВ, Феенорд). Така, околу 25 фудбалери играа нелегитимно, во целосно блажено незнаење.
Искри во студиото: Подкастот кој го запали огнот
Сè ќе поминеше незабележано доколку на 15 март, по убедливиот пораз на НАЦ Бреда од Го Ахед Иглс со 6-0, водителите на популарниот подкаст „De Derde Helft“ не отворија една интересна тема. Тие лежерно споменаа дека левиот бек на Иглс, Дин Џејмс, неодамна зел индонезиски пасош, што значи дека автоматски играл без работна дозвола.
„Доколку НАЦ Бреда го дознае ова и поднесе тужба, натпреварот може да го добијат на зелена маса“, изјави еден од новинарите во подкастот.
Раководството на Бреда внимателно слушаше. Поднесоа жалба, а фудбалерот Дин Џејмс веднаш беше суспендиран од тренинзите. Во наредните денови настана апсолутна паника. Клубовите почнаа да ги отстрануваат своите играчи од тимовите, стравувајќи од казни.
KNVB houdt rekening met paspoortchaos 🛂
— ESPN NL (@ESPNnl) April 28, 2026
Marianne van Leeuwen: "Dan zou het kunnen beteken dat de competitie niet uitgespeeld kan worden"
🔗 https://t.co/hvCbS2OQpT pic.twitter.com/akxhLm1k7Y
„Морав да седам дома пет дена бидејќи не ми дозволуваа да одам во клубот. Барем децата го видоа татко им за промена,“ изјави низ насмевка капитенот на НЕЦ Нијмеген и репрезентативец на Суринам, Тјарон Чери. „Но, децата и сопругата ме прашуваа: ‘Што се случува? Каков пасош имаш сега, Холанѓанец си или Суринамец?’“
Судскиот ден кој го плаши холандскиот фудбал
КНВБ ја одби првичната жалба на НАЦ Бреда, тврдејќи дека ниту клубовите ниту играчите не биле свесни за последиците. Сепак, Бреда правдата ја побара на цивилен суд во Утрехт, а конечната пресуда се очекува овој понеделник.
Федерацијата е во паника. Доколку судот пресуди во корист на НАЦ Бреда, ќе се создаде преседан. КНВБ стравува дека тоа ќе предизвика лавина од жалби за дури 133 натпревари во кои настапиле овие играчи. Преигрувањето на сите тие натпревари би значело крај на регуларноста на лигата и комплетен колапс на сезоната.
Додека бирократијата се судира со спортот, фудбалерите остануваат колатерална штета. Млади момци кои само сакаа да играат фудбал и да ги израдуваат своите семејства преку океанот, сега се третирани како правни престапници. Останува да видиме дали здравиот разум ќе победи над сувите параграфи пред судот во Утрехт.



