По освојувањето на историската титула, Маскерано изненадувачки го напушти Интер Мајами

 

Објавено:

Светот на МЛС лигата утринава го разбуди шокантна вест. Хавиер Маскерано, човекот кој го водеше Интер Мајами до историската прва титула во МЛС, поднесе оставка од функцијата главен тренер на клубот по само една година на кормилото.

Аргентинецот, кој за време на играчката кариера остави длабока трага во Барселона и Ливерпул, објави дека ја напушта позицијата од „лични причини“, напуштајќи го тимот заедно со целиот свој стручен штаб. Овој потег предизвика лавина реакции кај фановите, а на социјалните мрежи веднаш започнаа шпекулации за вистинската заднина на неговото заминување, при што многумина прстот го вперија кон неговиот добар пријател и капитен на тимот, Лионел Меси.

„Сакам да ги известам сите дека од лични причини решив да го завршам мојот мандат како главен тренер на ФК Интер Мајами. Пред сè, сакам да се заблагодарам на клубот за укажаната доверба… но особено на играчите кои ни овозможија да доживееме незаборавни моменти. Секогаш ќе го носам со себе споменот на нашата прва ѕвезда (титула),“ изјави Маскерано во своето збогување.

Иако неговиот мандат траеше нецели 16 месеци, Маскерано зад себе остава импресивен белег. Во 2025 година, тој го предводеше Интер Мајами до најуспешната сезона во историјата на клубот, освојувајќи ја титулата во Источната конференција и првиот МЛС Куп трофеј. Под негово водство, тимот постави рекорд во МЛС со комбинирани 101 постигнат гол во регуларниот дел и плеј-офот, а стана и првиот американски тим што забележал победа на ФИФА Светското клупско првенство.

Сепак, стартот на новата 2026 сезона очигледно не течеше според планот. Иако тимот моментално се наоѓа на високото 3-то место на табелата, фановите ја критикуваа лошата одбрана и неконстантните игри.

Привремено, на жешкото столче во Мајами ќе седне досегашниот спортски директор, Гиљермо Хојос, кој има богато меѓународно искуство и долгогодишен стаж во структурата на клубот. Истовремено, Алберто Мареро ќе ги преземе обврските на спортски директор.

Дали Маскерано навистина си замина поради лични причини или стана жртва на преголемиот авторитет на играчите во соблекувалната, веројатно ќе остане мистерија уште некое време. Но едно е сигурно, Интер Мајами сега е во потрага по нов стратег кој ќе мора да знае како да се справи со ѕвезденото его на „Барселона во мало“.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено