Монца не случајно ја нарекуваат “Храм на брзината”. Викендов Макс Верстапен повторно докажа зошто – победи на Италијанското Гран При со рекордно време и рекордна просечна брзина, влегувајќи во историјата на Формула 1.
Илјадници “тифоси” дојдоа со надеж дека ќе го видат Шарл Леклер или барем Ферари на подиумот, но на крајот сите зборуваа за истото име – Макс Ферстапен. Холанѓанецот не само што победи, туку победи со најбрзата трка во историјата на Формула 1. Просечна брзина од 250.7 km/h, бројка што звучи речиси нереално, дури и за Монца. За нешто повеќе од 73 минути, Верстапен ја заврши трката и урна рекорд што две децении му припаѓаше на Михаел Шумахер.
Верстапен тргна од пол-позицијата, но уште на стартот имаше жесток дуел со Ландо Норис. Холанѓанецот ја исече првата шикана за да избегне судир, по што привремено ја предаде позицијата на Норис. Сепак, само по неколку кругови, повторно го презеде водството и оттаму имаше целосна контрола сè до финиш линијата.
Verstappen round the outside 💪
Unbelievable battling at the front as the Dutchman retakes the lead! 🍿#F1 #ItalianGP pic.twitter.com/hREmJQcsy0
— Formula 1 (@F1) September 7, 2025
Во редовите на Мекларен немаше мир. Бавниот пит-стоп на Норис му овозможи на Оскар Пијастри да мине на втората позиција, но тимот нареди промена на местата, по што Норис се врати на второто, а Пијастри заврши трет. Погледнете го спорниот момент во тимот на Мекларен.
Here’s the McLaren team radio moment 📻🔊#F1 #ItalianGP pic.twitter.com/IwU1ozOYvg
— Formula 1 (@F1) September 7, 2025
Зад нив, Шарл Леклер во Ферари не успеа да го оствари сонот на бројните навивачи за подиум, завршувајќи четврти. После трката тој изјави дека тоа беше сè што можеше да направи денес.
Монца уште еднаш беше вистински спектакл – брзина, стратегија и драма до последен круг. Но главната приказна ја напиша Макс Верстапен, кој со оваа победа не само што го урна 20 годишниот рекорд на Михаел Шумахер, туку уште еднаш потврди дека е човекот кој ја дефинира ерата на модерната Формула 1.




