Битолскиот Пелистер конечно ја прекина „црната серија“ и се врати на победничките патеки по пауза од 77 дена, совладувајќи ја Брера со минимални 1:0 на свој терен. Ова е прв триумф на Пелистер на стадионот „Петар Милошевски“, со оглед дека претходните две победи сезонава беа остварени на гости или на привремен терен во Кавадарци.
Мечот започна со доминација на домаќинот, кој најчесто создава шанси преку прекини и далечни удари. Првата сериозна можност дојде по корнерот на Мрмачовски, кога Петковски шутираше со глава над голот. Подоцна Булатовиќ го пронајде Керим во густо одбранбено присуство, а напаѓачот со глава го постигна единствениот и одлучувачки гол во средбата.
АП Брера во првиот дел имаа само еден удар кон голот на Јовчевски, преку Нзенге, додека истиот играч во вториот дел го затресе голот на Пелистер, но погодокот беше поништен поради офсајд. Битолчани продолжија да ги создаваат шансите преку корнери и далечни удари, а Здравковиќ и Спировски со два добри удари со глава не успеаја да го зголемат водството.
Домаќините заслужено го контролираа мечот, а апатичната игра на Брера доби заслужена казна. Пелистер заработи четири жолти картони, но и три важни бода кои ја враќаат самодовербата во битката за опстанок, особено откако Тиквеш доживеа пораз од Вардар во другиот денешен натпревар од 12-то коло.
Следните три кола за Пелистер носат директни дуели со најзагрозените екипи од дното на табелата, Работнички и Шкупи, како и гостување кај Арсими до крајот на ноември. Оваа победа не само што ги враќа бодовите, туку има и големо психолошко значење за тимот во пресрет на клучните натпревари.

Следете нè: Facebook | Instagram | X



