Португалија си обезбеди Мундијал, а Роналдо е пред историски шести настап!

Објавено:

Португалија е последната европска репрезентација што го потврди учеството на Светското првенство 2026, откако во Порто ја декласираше Ерменија со 9-1 и ја зацврсти првата позиција во квалификациската група Ф. Зад нив завршија Ирска, која обезбеди плејоф, потоа Унгарија и Ерменија кои остануваат без настап следното лето.

Славјето, сепак, не беше комплетно. Кристијано Роналдо не беше на теренот бидејќи во претходниот меч со Ирска доби директен црвен картон, негов прв во репрезентативниот дрес. Тој автоматски го пропушти дуелот со Ерменија, а ФИФА сè уште не соопшти колкава суспензија ќе следи, што отвора можност капитенот да изостане на еден или повеќе мечеви од групната фаза на Светското првенство.

И без својот најголем лидер, Португалија одигра моќен натпревар. Бруно Фернандеш го предводеше тимот со хет-трик, а истото го направи и младиот Жоао Невеш кој блесна во еден од своите најдобри настапи за националниот состав. Во листата на стрелците се запишаа и Гонсало Рамош, Ренато Веига и Франциско Консеисао, што уште еднаш ја потврди широката офанзивна сила на селекцијата.

Во вториот клучен дуел од групата, Ирска со гол во 95-та минута ја победи Унгарија со 3-2 и го обезбеди второто место и пласман во плејоф. Херој на мечот беше Трој Парот, кој постигна хет-трик и ги продолжи своите импресивни квалификации.

Пласманот на Мундијалот му отвора уште една историја на Роналдо. Доколку биде дел од финалниот ростер, тој ќе стане првиот фудбалер во историјата со настап на шест Светски првенства. Тоа можат да го израмнат само Лионел Меси и Гиљермо Очоа, иако мексиканскиот голман не настапи на своите први две Светски првенства и беше само дел од составот. Роналдо досега одиграл 22 натпревари на Светските првенства и се наоѓа веднаш зад Малдини, Клозе, Матхаус и Меси на историската листа по број на настапи.

Светското првенство 2026 ќе биде седмо по ред за Португалија, која најдобар резултат постигна во Германија во 2006 година кога го освоија четвртото место.

Интересен факт, Португалија денес играше во црните специјални дресови посветени на легендарниот Еусебио, чиј прекар беше „Црниот пантер“. Во таа чест, сите фотографии и видеа кои беа споделени денес на социјалните мрежи на репрезентацијата беа во црно-бела боја. Нам ни се допадна таа идеја за оддавање на почит на една фудбалска легенда, па решивме токму така и да ви ги пренесеме материјалите во нашата статија.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено